Со еден куршум, два зајака
март 6, 2024

Улогата на истражувањето и соработката со научниот сектор во справувањето со климатските промени и лошиот квалитет на воздухот е клучна за ефикасни акции. Се разбира, уште подобро е кога имаме исклучителни научници тука, кај нас, кои со своите научноистражувачки резултати го поддржуваат креирањето на политики во овие области. Денес, на оваа тема, разговараме со една од најуспешните жени научници во нашата држава, проф. д-р Наташа Марковска, од Македонската академија на науките и уметностите.

Фото: Streaming.HR

Она што повеќето луѓе не го знаат е дека климатските акции влијаат на подобрување на квалитетот на воздухот и обратно, елиминирањето на изворите на загадување на водухот, всушност, ги намалува и емисиите на стакленички гасови. Како ова може наједноставно да им се објасни на граѓаните?

Моите научноистражувачки интереси, всушност, се поврзани со климатските промени и начините за ублажување на климатските промени, или со други зборови, смалувањето на емисиите на стакленички гасови, особено во секторот енергија. Тие емисии главно се должат на употребата на фосилните горива за добивање енергија. Истовремено, фосилните горива се виновници и за емисиите на честички (PM10 и PM2.5), азотни оксиди (NOх), јаглерод моноксид (CO), сулфур диоксид (SO2) кои го загадуваат воздухот, загрозувајќи го здравјето на луѓето. Едноставно кажано, климатските промени и аерозагадувањето одат рака под рака, па затоа со преземање мерки за ублажување на климатските промени се делува и кон намалување на загадувањето на воздухот и обратно. Што би се рекло „со еден куршум,  два зајака“.

Неодамна водевте едно пионерско истражување кое ги поврзува климатските промени, квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето. Што можете да ни кажете за резултатите?

Истражувањето кое го спроведовме имаше за цел да ги утврди здравствените придобивки од намалените емисии на загадувачите на воздухот кои се резултат на реализацијата на мерките за ублажување на климатските промени, со примена на алатка што ја развиваат тим од експерти на Светската здравствена организација. Ја тестиравме алатката на случајот на нашите мерки за ублажување на климатските промени и ги споделивме искуствата и резултатите. Се покажа дека, покрај нивната примарна цел, мерките за ублажување на климатските промени генерираат и придобивки за здравјето на луѓето, пред сѐ помалку случаи на болести, изгубени работни денови, избегнати денови со ограничена активност, како и намален број на хоспитализации. Така, подобрениот квалитет на воздухот резултира во 629 спречени случаи на бронхитис и 2788 помалку дена со симптоми на астма кај децата, 98 помалку случаи на хроничен бронхитис и 6973 избегнати изгубени работни денови кај возрасните и 112 помалку  хоспитализации.

Фото: Андреј Баџуков

Бидејќи од морален аспект се избегнува да се стави цена на човековиот живот, кажете ни какви здравствени придобивки ќе имаат граѓаните, особено децата, со спроведување на климатските акции од стратешките документи?

Монетарната вредност на придобивките се проценува врз основа на трошоците за здравствена заштита, избегнатата загуба на продуктивност, како и социјалните трошоци поврзани со избегнатите прерана смртност или добиени години на живот. Така, економската корист од избегнатата прерана смртност изнесува 266 милиони американски долари (во цени од 2005 година), што претставува 2.8 % од БДП на земјата во 2019 година, а од добиените години на живот, 111 милиони американски долари (во цени од 2005 година), што претставува 1.2 % од БДП на земјата во 2019 година.

Кога станува збор за лошиот квалитет на воздух, многу често сме први, или меѓу првите пет, во негативна смисла. Дали може резултатите од оваа пионерско истражување за кое зборуваме да се споредат со некоја од другите држави, особено во регионот?

Аерозагадувањето е локален проблем, па споредбите се прават на ниво на градови или области, и градот Скопје, а и други наши градови, честопати се на врвот на листите. Ние сме меѓу првите земји што спроведовме ваква студија, и со самото тоа што мерките за ублажување на климатските промени предвидуваат напуштање на фосилните горива и ефикасно користење на енергијата, или она што го нарекуваме „енергетска транзиција“, верувам дека тие ќе испорачаат значајни резултати и во намалувањето на загадувањето на воздухот. Секако, за поголеми резултати, покрај енергетската транзиција, потребно е сеопфатен, мултисекторски пристап кој ќе вклучува и спроведување на ефективни практики за управување со отпад, вклучително  рециклирање и правилно отстранување на отпадот и забрана за отвореното согорување на отпадот, спроведување одржливи земјоделски практики и промовирање на ефикасна употреба на ѓубривата, спроведување на строги еколошки регулативи и стандарди, како и и промени во  свеста, однесувањето и вредносните системи.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат