Децата дишат загаден воздух, градинките и школите полни со ПМ честички
ноември 14, 2024

Во зимскиот период, кога вообичаено амбиентниот воздух е многу загаден со ПМ честички, воздухот во училниците е почист отколку надвор, заради добрата изолација и енергетската ефикасност на зградите, но во текот на летните месеци концентрациите се повисоки внатре отколку надв

            Фото: Мета.мк

Загадувањето на внатрешниот воздух во училниците и занималните во училиштата и градинките е високо и многу често над максимално дозволените граници за концентрации на ПМ честичките. Истражувањето за квалитетот на внатрешниот воздух во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга направено во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ на УНДП и Министерството за животна средина, покажува дека загадувањето на внатрешниот воздух за двапати ги надминува препораките на Светската здравствена организација. Загадувањето е присутно во училиштата и градинките во сите пет градови, се движи од 40 до 80 микрограми на кубен метар, е постојано во текот на целата година и помалку зависи од надворешните услови како кај амбиентниот воздух.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски на денешната презентација на резултатите посочи дека ова е едно од првите истражувања на квалитет на воздух во затворени простории, иако загадениот воздух во просториите каде што живееме, работиме или учиме е поопасен за нашето здравје отколку загадувањето на амбиентниот воздух. Ова особено се однесува на зимските месеци, кога сите подолго време престојуваат во затворен простор.

„Истражувањето покажува дека состојбата со затворениот воздух не е многу поразлична од таа на амбиентниот. Надминати се дозволените граници на концентрациите на цврстите честички, кои за ПМ 2,5 честичките се 25 микрограми на кубен метар, додека другите загадувачи се во прифатливи граници. Позитивно е што во затворените простории има повеќе можности за надминување на оваа состојба, како што се системите за вентилација, прочистувачи на воздух, подобра хигиена и слично. Особено е важно да се преземат овие мерки бидејќи здравата средина за децата е многу важна“, рече Мираковски.

Во зимскиот период, кога вообичаено амбиентниот воздух е многу загаден со ПМ честички, воздухот во училниците е почист отколку надвор, заради добрата изолација и енергетската ефикасност на зградите, но во текот на летните месеци концентрациите се повисоки внатре отколку надвор. Во училниците во Струга, просечните вредности на ПМ 2,5 во зима биле над 47 микрограми, додека во летните над 40 микрограми. Во Гостивар загадувањето на воздухот во училните во лето е поголемо и било и до 72 микрограми, а во зима над 58, додека во Куманово се измерени највисоките загадувања на внатрешниот воздух со просечни концентрации на ПМ 2,5 од 82 микрограми во лето и 66 во зима. Во Струмица загадувањето на воздухот во училните е речиси идентично преку целата година. Во лето било во просек над 48 микрограми на кубен метар и 47 во зима. Во Кавадарци вредностите на загадувањето со ПМ 2,5 на внатрешниот воздух биле 62, а во зима 52 микрограми на кубен метар.

Министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека Владата идната година ќе инвестира во промена на затоплувањето на десет болници кои се греат на фосилни горива, еден од најголемите загадувачи на воздухот.

„Проблемот со загадувањето е присутен во сите градови, а особено во Скопје. Се обидуваме да најдеме решенија како на пример проектот што треба да се имплементира идната година и со кој во десет болници греењето на мазут и нафта ќе се смени“, рече Таравари.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ги повика градинките да искористат дел од средствата од блок дотациите кои ги добиваат за да набават прочистувачи на воздухот, но најави дека и министерството ќе ја разгледа можноста и директно да помогне за надминување на овој проблем.

„Сакаме да привлечеме внимание кон квалитетот на воздухот во просториите на градинките и училиштата. Со истражувањето им помагаме на пет градови во земјата да изготват планови за подобрување на квалитетот на воздухот“, рече Ами Ларсон Џејн, амбасадорка на Шведска, финансиер на проектот.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан посочи дека податоците кои ги содржи истражувањето се многу важни заради зачувувањето на здравјето на децата, а целта на иницијативата е да се насочиме кон решенија не само за загаденоста на амбиенталниот, туку и на внатрешниот воздух.

 

Преземено од Мета.мк, оригиналниот текст може да се најде на следниот линк.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат