Државниот завод за ревизија во 2022 година изврши ревизија на успешност на тема ”Даноците за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина”, во која јасно наведува дека средствата кои општините ги одвојуваат во својот буџет за заштита и унапредување на квалитетот на амбиентниот воздух не се доволни за реализација на планските документи и спроведување на активности за намалување на загадувањето.
Според ревизорите, направен е одреден напредок во одредени области, како усогласување со законодавството на ЕУ во воведување на начелото „загадувачот плаќа“, проширување на мрежата на мерни станици за квалитет на воздух, воведување на надоместоците за животна средина и инвестиционите вложувања по одделни области, но истиот е недоволен.
Законот за животната средина и Законот за квалитет на амбиенталниот воздух им овозможуваат на општините да користат и „други извори на средства“ за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух (програми на Владата, надоместоци и др.), со цел да се промени однесувањето на субјектите и да се премине кон еколошки начини на нивна работа.
На пример, правните и физичките лица кои управуваат со инсталации кои што произведуваат енергија произведена со согорување на фосилни горива се обврзани секој месец да уплатат во Буџетот на државата надоместок од 0,007 денари за еден киловат час произведена енергија. Собраните средства се користат за финансирање на програми и активности за управување со животната средина во општината на чие што подрачје работи инсталацијата, но и во општините во воздушен радиус од 10 км од местоположбата на инсталацијата.
За доделување на овие средствата донесена е „Уредба за методологија за распределба на средства како приход од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива“, која предвидува дека средствата остварени по основ на надоместокот се распределуваат со Програмата за инвестиции во животната средина, и тоа преку фиксен (25% од средствата се алоцира на општината каде се наоѓа инсталацијата) и варијабилен дел (75% средствата се алоцираат пропорционално на околните општини во зависност од подрачјето и бројот на жители на сите општини, вклучително и општината на чие што подрачје инсталацијата ја остварува својата дејност).
Општините изготвуваат своја програма во која предвидуваат проекти од областа на животната средина и ја доставуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање да ги разгледа проектите и, доколку истите се во функција на управување со животната средина, да склучи договор.
Ревизијата утврдила дека надоместокот за производство на енергија произведена со согорување на фосилни горива, од кој општините добиваат средства, не се целосно искористени. Причини има повеќе: ако средствата не се доволни да се реализира некој проект, истите не се користат; вредноста на проектите се намалува со јавно наддавање во процесот на спроведување на јавните набавки; а неискористените средства од тековната година не се префрлаат за наредната година. Поради овие причини, во периодот 2017-2020 година, останале неискористени средства во вкупен износ од нешто повеќе од 8 милиони денари.
Ревизорите утврдиле и отсуство на интегриран пристап во начинот на распределба и користење на надоместоците за животна средина на национално и локално ниво, а администрирањето на надоместоците за животна средина (т.е. нивната точност, навременост, целосност, прибирање и контрола на приходите) од повеќе институции не овозможува увид од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Препораките на ревизорите со општините за донесување/редовно ажурирање на Локален еколошки акциски план (ЛЕАП), кој обезбедува интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на локално ниво. Од страна на Комисијата за надзор на општините при Министерство за животна средина и просторно планир извршен е надзор во 24 општини, при што е констатирано дека само две од нив имаат изготвено и донесено важечки ЛЕАП.
Во насока на подобрување на ефикасноста на администрирањето на даноците за животна средина, ревизорите дадоа препорака и до Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата да воспоставуват единствен систем за евиденција за надоместоците на животната средина и координација со институциите надлежни за нивно утврдување и наплата како и да се преиспитаат можностите за продолжување на финансирањето на мерките за намалување на загадувањето на воздухот преку Програмата за намалување на аерозагадувањето.