Чист воздух, eдуцирај и делувај!
мај 27, 2024

Струмица се соочува со значителни предизвици со загадениот воздух. Според информациите на Министерството за животна средина и просторно планирање, до крајот на март 2024, вкупниот број на денови со надмината среднодневна концентрација на PM10 е 50 денови (а дозволениот број на надминувања на годишно ниво е 35). Што мислите, на што се должи ваквата состојба?

Во последните неколку години Струмица стои исправена пред еден голем предизвик ‒справување со загадувањето на воздухот. Според резултатите од мерните станици и направените истражувања во Струмица, присуството на PM честичките во воздухот повеќекратно ја надминува  дозволената граница особено во зимскиот период, односно за време на грејната сезона.

Ова загадување најчесто произлегува од загревањето на домаќанствата и малите претпријатија кои за затоплување користат огревно дрво (сурово и влажно дрво, јаглен, нафта и разни отпадоци од иверица, пластика  и други отпадоци  од индустријата).

Загадениот воздух има изразено влијание врз здравјето на луѓето, особено врз помладата и повозрасната популација, бремени жени, лица со кардио-васкуларни и пулмолошки заболувања и други ранливи категории на граѓани.

Општина Струмица има План за квалитет на воздух и ги спроведува активностите предложени во него. Но битката за чист воздух бара повеќе од еден борец, бара заеднички ангажман на многу организации. Каде Планетум како претставник на граѓанските организации го гледа својот придонес во оваа битка?

Наш голем придонес како граѓанска организација е токму комуникацијата со граѓаните. Во рамки на оваа иницијатива спроведуваме активности со кои сакаме да влијаеме на позитивна промена на однесувањето на граѓаните и надлежните институции кон заштитата  на воздухот. Наш особен интерес е да влијаеме на промена на навиките поврзани со користење отпад за греење.

За таа цел, еколошкото друштво Планетум соработува со учениците од средните училишта во Струмица, граѓаните, локалните медиуми, академијата, општината и останатите институции на локално и национално ниво итн. Соработуваме и со други граѓански организации од Општината со цел креирање синергии и заеднички акции за заштита на воздухот и животната средина.

Фокусот го ставаме на мобилизација на младите струмичани и струмичанки за поактивно да ги вклучиме во идентификација на изворите на загадување, согласно видот и нивната локација. Заедно со младите подготвуваме нови иницијативи и акции кои се надеваме дека ќе добијат поддршка од други организации и институции за да се спроведат на дело.

Во моментов активно работиме на развој на интерактивна мапа на загадување на воздухот во Струмица и нејзината околина преку идентификување на изворите на загадување и мерење на квалитетот на воздухот со индикативни мониторинг уреди.

Сите сознанија кои ќе ги добиеме, ќе ги формулираме во предлог-мерки и препораки за унапредување на квалитетот на воздухот кои ќе ги доставиме до Општина Струмица да ги земе предвид при подготовката на новиот План за квалитет на воздух за следните четири години 2025-2029.

Сите велат дека младите се многу важни и дека треба да се вклучат во креирање решенија за проблемот чист воздух, но не е лесно да се „извлечат“ од нивното секојдневие и да се осигура нивни активен ангажман. Како Планетум ги вклучи младите во активностите за чист воздух?

Младите се нашата иднина и затоа Планетум  ги започна првите проектни активности токму со нив.

Така на пример, се одржаа вкупно девет работилници во три средни училишта од нашата општина. Овие работилници вклучија 225 ученици и ученички на темата за заштита на  квалитетот на воздухот и како секој од нив може да делува во таа насока. Овие средношколци потоа го споделија своето знаење со своите врсници во секое од училиштата и направија уште еден дополнителен чекор ‒ се вклучија во изработката на интерактивна мапа на загадувачи, чија финална верзија наскоро ќе се финализира.

Кои се следните активности кои ги планирате и очекуваните резултати?

Една од следните активности која проектниот тим ја планира да ја спроведе е теренско мерење на квалитетот на воздухот.

Во врска со оваа активност мора да напоменеме дека заедно со граѓаните, кои се генерално членови на ЕД Планетум, собираме податоци кои ги добиваме преку индикативни мобилни уреди за мерење на квалитетот на воздухот. Податоците за квалитет на воздухот се собираат од различни места во градот. За таа цел,  граѓаните кои се вклучени во активноста имаа кратка обука како да вршат мерење и како да ги евидентираат резултатите. Резултатите од овие мерења ќе бидат исто така споделени со јавноста.

Иницијативата „Чист воздух, eдуцирај и делувај“ ја спроведува еколошкото друштво Планетум  од Струмица во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

ЕД Планетум е граѓанска организација која постои веќе 24 години и има големо искуство во управување и реализација на проекти. Досега има реализирано повеќе од 50 проекти од областа на заштита на животната средина. ЕД Планетум брои 1 вработен, 4 ангажирани хонорарно, 24 членови и 6 волонтери. Почетоците на Планетум се поврзани со активности за намалување на пластичниот отпад поради неговото штетно влијание врз природата и животот на луѓето. Подоцна, справувањето со отпад остана стратешка определба на Планетум, заедно со други активности за заштита на животната средина од загадување и одржување на рамнотежа во природата.

Денес Планетум е препознатлив по својата работа на прашања поврзани со отпад, заштита на природните реткости и богатства, зачувување и зголемување на зелените површини и рационално користење на природните ресурси.

 

Одговорно лице за иницијативата: „Чист воздух, eдуцирај и делувај!“

                                  Елизабета Христова – проект-координатор

Други содржини кои можеби ќе те интересираат