Општините вклучени во проектот за почист воздух со конкретни дела и учество во „Генералка викенд“
мај 15, 2025

Низ цела Македонија минатиот викенд се одржа најмасовната еколошка акција на Балканот – „Генералка викенд“, на која се приклучија над 20 000 ученици, 600 организации и институции и илјадници волонтери. Оваа иницијатива покажа дека промените започнуваат однатре – од самата заедница.

Акцијата беше дел од пошироката заложба за справување со еколошките предизвици, а нам особено внимание ни привлече учеството на општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица, кои се дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“. *
Во сите овие општини, акцијата доби конкретна поддршка од локалните власти, училишта и граѓански организации. Во Куманово, акцијата под мотото „Да се извалкаме и да исчистиме“ се спроведе кај спортски и образовни објекти, со поддршка од ЈП „Чистота и зеленило“ и голем број граѓани. Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, нагласи дека интересот на граѓаните е доказ дека само заедно можеме да создадеме здрава животна средина.


Фотографија: Општина Куманово

Во Гостивар, учениците и наставниците од Техничкото училиште активно се вклучија во расчистување и засадување цвеќиња и дрвца, а општината во соработка со здруженијата „Men and Mountain“, „Pozitiva B2“ и Црвениот крст организираше акција во централното градско подрачје.


Фотографија: Man And Mountain

Струмица се фокусираше на расчистување на училишните дворови, собирање отпад и електронски отпад, како и испраќање на екопораки од учениците – младите екоамбасадори на иднината.


Фотографија: Општина Струмица

Преку оваа акција општините вклучени во проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ покажаа конкретна заложба за подигање на јавната свест за значењето на чиста животна средина и почист воздух. Истражувањата кои беа спроведени во рамките на проектот, од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ покажаа дека отвореното горење отпад и несоодветното управување со отпадот значително влијаат врз квалитетот на воздухот, особено во овие општини. Со секој собран отпад, засадено дрво или образовна активност, се прави мал чекор кон голема цел – здрава животна средина и почист и поквалитетен воздух за граѓаните.
Уникатниот карактер на „Генералка викенд“ беше потврден и со учеството на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, заменик-премиерот и министер за животна средина Изем Меџити, министерката за образование Весна Јаневска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, како и бројни претставници од домашни и меѓународни институции.
Градејќи ја свеста кај младите преку иницијативата „EKO CLASS“, во која учествуваа над 20 000 ученици и 1000 наставници, оваа акција остави траен печат и покажа дека одржливата животна средина започнува со образованието и заедничката акција.

* Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот е дел од пошироката иницијатива финансиски поддржана од Шведска, а има за цел да помогне во планирање и имплементација на ефективни политики и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат