Во најновиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија јасно се потенцира дека земјава треба да ги зголеми финансиите и на национално и на локално ниво за намалување на загадувањето на воздухот. Европската комисијата потенцира дека проблемот со загадениот воздух е голем и дека државата мора да се вклучи во решавањето.
„Ограниченото спроведување и ресурсите, слабата меѓусекторска соработка и координацијата помеѓу централните и локалните власти го ограничуваат влијанието на мерките за намалување на аерозагадувањето. Загадувањето на воздухот во поголемите градови останува сериозна грижа“, се наведува во Извештајот на Европската комисија.
Во однос на животната средина, ЕК нотира дека административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, со недоволно финансиски ресурси за имплементација и зајакнување на постоечката легислатива.
– Имплементацијата на оценката за влијанието врз животната средина и Стратегиската оценка за животната средина треба да бидат подобрени, особено низ процесите на јавната консултација и во однос на квалитетите на извештаите. Дијалогот со цивилното општество и процесите на јавна консултација во овој сектор треба да бидат значително подобрени. Недостатокот на транспарентност и достапност до информациите е проблем кој се повторува. Законот за инспекција на животната средина и амандманите од законот за проценката на влијанието врз животната средина сè уште не се усвоени. Лимитиран прогрес беше направен во однос на “INSPIRE” Директивите во областа на одговорноста кон животната средина, оценува ЕК.
Во врска со управувањето со отпадот, ЕК забележа дека слабите административни капацитети, слабиот степен на извршување и лимитираните интерсекторски соработки остануваат главни пречки за прогрес во овој сектор.