Со завршен настан во Скопје одбележано завршувањето на проектот SMILE за подобрување на квалитетот на воздухот
октомври 29, 2026

На 29 октомври 2026 година, во хотелот „Мариот“ во Скопје, се одржа завршниот настан на проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“ (SMILE), финансиран од Европската Унија преку ИПА II програмата, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Настанот беше посветен на презентирање на главните постигнувања и резултати од проектот, како и на разгледување на идните приоритети за унапредување на системот за управување со квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија.
На завршниот настан се обратија министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е. Михалис Рокас.
Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека борбата против загадувањето на воздухот бара системски пристап, сигурни податоци и координирано дејствување на сите надлежни институции. Тој го нагласи значењето на проектот SMILE во зајакнувањето на законската и институционалната рамка за управување со квалитетот на воздухот.
Покрај поддршката во усогласувањето на националното законодавство со барањата на Европската Унија, проектот придонесе за унапредување на мониторингот на квалитетот на воздухот, подобрување на инвентарите на емисии, развој на капацитетите за моделирање и процена на квалитетот на воздухот, како и за зајакнување на административните и техничките капацитети на надлежните институции.

Значаен придонес во реализацијата на проектните активности имаше и Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, која учествуваше во теренските истражувања преку земање примероци, спроведување на дел од лабораториските анализи, како и во изработката на одделни стручни студии во рамките на проектот. Со ова, лабораторијата даде придонес во обезбедувањето стручна и аналитичка поддршка за активностите поврзани со процената и управувањето со квалитетот на воздухот.
Во продолжение на настанот, проектниот тим ги презентираше клучните резултати и препораки, со посебен осврт на подготовката на законодавството за квалитет на воздухот во согласност со правото на ЕУ, зајакнувањето на капацитетите за инвентаризација на емисиите, моделирање и мониторинг, како и изработката на плански документи за подобрување на квалитетот на воздухот.
Со завршувањето на проектот SMILE се заокружува значајна фаза на техничка и институционална поддршка во процесот на усогласување со европското законодавство за квалитет на воздухот. Подготвените законски решенија, плански документи и унапредените институционални капацитети претставуваат основа за понатамошно спроведување на мерките насочени кон намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот во Северна Македонија.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат