Одржан јавен консултативен настан за Националниот план за квалитет на воздухот и Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот
септември 11, 2026

На 10 септември 2026 година (четврток), во хотел Holiday Inn во Скопје, се одржа јавен консултативен настан посветен на Националниот план за квалитет на воздухот (National Air Quality Plan – NAQP) и Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот (National Air Pollution Control Programme – NAPCP).
Настанот беше организиран во рамки на ЕУ-финансираниот проект „Support in the Implementation of Air Quality Directives“ (SMILE), во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, со проектен референтен број NEAR/SKP/2022/EA-RP/0156.
Целта на настанот беше да се презентираат и дискутираат NAQP и NAPCP со релевантните институции, засегнатите страни и други заинтересирани субјекти, како и да се обезбеди можност за размена на мислења, коментари и препораки во процесот на нивното финализирање.

Во рамки на настанот беше презентиран преглед на управувањето со квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија, по што следеа презентации на Националниот план за квалитет на воздухот и Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот. Беа разгледани главните цели, приоритети и предложени мерки за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и намалување на емисиите на загадувачки супстанции.
Посебно внимание беше посветено на секторските мерки, при што беа разгледани мерки во транспортот, енергетиката, индустријата и земјоделството, како и мерки поврзани со употребата на растворувачи и управувањето со отпадот.
За предложените мерки во секој од секторите беше отворена дискусија со учесниците, со цел да се обезбеди размена на искуства и мислења и да се приберат коментари, препораки и дополнителни предлози. Дополнително, беше разгледана и поврзаноста на предложените мерки со други релевантни владини политики и мерки, со цел да се обезбеди интегриран пристап во планирањето и спроведувањето на политиките за квалитет на воздухот.
Јавната консултација претставуваше значаен чекор во процесот на финализирање на NAQP и NAPCP, овозможувајќи активно учество на релевантните институции и заинтересираните страни. Добиените коментари и препораки ќе придонесат кон унапредување на предложените мерки и кон воспоставување на инклузивен и транспарентен процес за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на емисиите на загадувачки супстанции во Република Северна Македонија.
Спроведувањето на предложените мерки во различните сектори се очекува да придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот, подобрување на квалитетот на животната средина и унапредување на условите за живот на населението, во согласност со националните приоритети и релевантните европски политики во областа на квалитетот на воздухот.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат