Од смог до чист воздух: Што може Македонија да научи од Краков?
јуни 13, 2026

Полскиот град, кој пред една деценија беше меѓу најзагадените во Европа, денес е пример за успешна борба против загадувањето на воздухот.

Проблемот на Краков

Градот Краков, со околу 800 000 жители, е трет по големина во Полска, со значајни административни, културни, образовни, стопански и туристички функции. Пред само десетина години Краков беше симбол на смогот во Европа. Во зимските месеци загадувањето достигнуваше алармантни нивоа, а жителите поминуваа повеќе од 140 дена годишно изложени на концентрации на PM10 и PM2.5 честички над дозволените граници. Сите анализи укажувале дека главниот проблем се ниските локални извори на емисии, пред сѐ старите системи за загревање на домовите и јавните објекти, базирани на цврсти горива (јаглен и дрва), во урбаната зона, но и во околните градови и села. (https://europeanclimate.org/news/how-citizen-action-helped-krakow-clean-its-air-and-save-thousands-of-lives/)
Состојбата дополнително е влошена и поради неповолните геоклиматски услови, како што се: стабилните атмосферски услови во зимскиот период, температурна инверзија, високата влажност на воздухот и локацијата во котлина опкружена со ридови.

Патот кон промена?!

Трансформацијата на Краков не се случила преку ноќ. Таа започнала во 2010 година, кога законските измени овозможиле користење на општински средства за проекти поврзани со заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот.
Во 2014 година стапува во сила Програмата за зони на ниски емисии за градот Краков, насочена кон намалување на емисијата на загадувачите во воздухот, особено PM10 и PM2.5, од старите и нееколошки котли на цврсто гориво. Врз основа на оваа програма, жителите на Краков можеле да добијат субвенција за замена на таквите печки со современи уреди за греење, во почетната фаза до 100 % покривање на трошоците.
Следната измена на Законот за заштита на животната средина од 2015 година овозможила да се дефинираат и видот и квалитетот на цврстите горива дозволени за употреба, како и техничките или емисионите параметри на уредите за греење.
Од 1 јули 2017 година било забрането согорување на талози, ситни фракции јаглен и дробен јаглен, како и биомаса со влажност поголема од 20 % (дрвото пред согорување треба да се суши најмалку 2 години), а од 2019 година е воведена целосна забрана за согорување на цврсти горива.

Кога политиките даваат резултати

Соочени со силен јавен притисок и солидни научни подлоги, властите се охрабриле да преземат драстични мерки, па Краков станува првиот град во Полска кој воведува целосна забрана на користење цврсти горива.
Од 1 септември 2019 година стапена е во сила т.н. антисмог резолуција (Резолуција бр. XVIII/243/16 на Регионалниот совет на Малополска од 15 јануари 2016 година, Службен весник WOJ. 2016.812), според која во урбаната зона дозволена е употреба само на гас или течни (лесни) горива. (https://tol.org/client/article/krakow-can-breathe-again.html)
Како алтернативи се посочени можностите за користење на топлинска енергија од системите за централно греење, електрична енергија и обновливи извори на енергија (особено со примена на топлински пумпи, фотоволтаични системи и соларни колектори). Антисмог резолуцијата претставува акт на локално ниво и важи за сите во Краков. Таа се однесува и на приватни објекти, како и на помошни објекти, стакленици и пластеници, деловни простори и индустриски објекти.

Инвестиции и конкретни мерки

За периодот 2012–2019 година, трошоците за замена на системите за греење во домаќинствата во Краков се проценети на околу 76 милиони евра. Во тој период, 25 182 уреди на јаглен и дрва биле заменети со гасни котли, централно топлинско греење, електрично греење, топлински пумпи и котли на течно гориво.
Локалната програма за поддршка, која обезбедува финансирање за подобрување на квалитетот на живот на локалните заедници, ги субвенционираше зголемените трошоци за греење на жителите на кои тоа им е потребно, со вкупен износ од над 3 милиони евра. Програмата поддржала над 11 000 домаќинства во периодот 2015–2020 година. Трошокот за контрола и инспекции на системите за греење во домаќинствата изнесувал околу 2,6 милиони евра.

Резултатите зборуваат сами за себе

Во периодот од 2019 до 2021 година, емисиите на суспендирани честички PM10 и PM2.5 од секторот домаќинства и јавни објекти се значително намалени, со јасен пресврт во 2019 г.
Кај PM10 е забележано намалување за повеќе од 14 пати, од 574 890 kg/година на 40 571 kg/година, а кај PM2.5 промената е од 564 923 kg/година на 39 748 kg/година (намалување од 14,2 пати).
Кај транспортот, за жал, е видливо зголемување на емисиите, а големи флуктуации се забележуваат кај емисиите од индустриски процеси, кои се речиси тројно намалени, од 1 058 514 kg/година во 2018 година на 378 406 kg/година во 2021 година.


Еквивалентно намалување на емисиите во Краков (2018–2021)
Equivalent emission reduction in Kraków (2018–2021)
Source: Kaczmarczyk, M., & Sowiżdżał, A. (2024). Environmental friendly energy resources improving air quality in urban area. Energy Reports, 11, 3383–3394. (https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S2352484724001598)

До 2023 година Краков постигнал намалување на просечните концентрации на РМ10 за над 45 % во споредба со 2012 г. Бројот на денови со прекумерни вредности на ПМ честички се намалил од 140 на само 16 годишно. Се бележи и зголемување на јавниот превоз на електрична енергија, поголема употреба на велосипеди и раст на бројот на објекти со термоизолација. Јавната поддршка значително се зголемила – од првична недоверба кон целосно прифаќање на политиките, особено кога резултатите станаа видливи.
Успехот на Краков не остана незабележан ниту на европско ниво. Благодарение на значителното подобрување на квалитетот на воздухот и спроведените мерки за намалување на емисиите, градот беше препознаен од Европската комисија како пример за добра практика во областа на заштитата на воздухот. Краков беше вклучен во програмата European Green Capital Award Good Practices, каде што неговата трансформација е претставена како успешен модел што може да го следат и други европски градови. Од град симбол на смогот, Краков денес е пример за успешна еколошка трансформација. (https://environment.ec.europa.eu/topics/urban-environment/european-green-capital-award/inspiration/krakow-air-protection_en)
Ова покажува дека со долгорочни политики, финансиска поддршка и силна политичка волја, дури и најсериозните проблеми со загадувањето можат да се надминат. Прашањето што останува е: Може ли и Македонија да го следи примерот на Краков?

Примерот „Еколошката трансформација на Краков: одлучни акции за чист воздух“ беше презентиран од проф. д-р Афродита Зенделска на неодамнешната конференција „Човекови права и животна средина – Унапредување на пристапот до правда и институционална одговорност“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат
април 23, 2026
До чист воздух со правилно управување со отпадот