Штип станува регионален центар за зелени вештини
февруари 23, 2026

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип домаќин на водечката 2026 JRC летна школа за проценка на загадување на воздух, почва и води


Фото: Di Thananatt, stock.adobe.com

Од 14 до 18 септември 2026 година, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) ќе биде домаќин на престижната Летна школа 2026 на тема „Интензивна, петдневна обука посветена на холистичка проценка на загадувањето на воздухот, почвата и водите во поддршка на Европскиот зелен договор“. Настанот го организира Joint Research Centre (JRC) на Европската комисија во партнерство со УГД, со јасна мисија: да ги зајакне „зелените вештини“ и капацитетите за проценка на животната средина во Западен Балкан, во духот на политиката за проширување и двојната зелена и дигитална транзиција.

Летната школа е дизајнирана како интензивна комбинација на предавања од JRC научници и поканети експерти, практични вежби, лабораториски демонстрации и теренска работа, пристап што им овозможува на учесниците да ги поврзат податоците, алатките и политиките со реалните услови на терен. Овој модел се покажа ефикасен уште во првото издание во регионот (Нови Сад, 2023), чии искуства и резултати JRC ги документираше во извештај со јасни препораки за унапредување на зелените вештини и примената на научни алатки во Западен Балкан.

Прелиминарната програма за 2026 отвора со тематски блок за емисии и влијанија врз воздухот, со практична работа на две клучни европски алатки што JRC ги развива и одржува:
• EDGAR – глобална база на податоци за антропогени емисии на стакленички гасови, загадувачи на воздухот и токсични материи, со методологија за пресметка по сектори и креирање просторни карти. Учесниците ќе работат на конкретни примери за регионот.
• JRC FASST – инструмент за брза проценка на тоа како сценарија на емисии влијаат врз концентрациите, здравјето (смртност, изгубени години живот) и земјоделските приноси; ќе се обработуваат студии на случај и вежби со фокус на политики за квалитет на воздухот во Западен Балкан.

Следниот модул се префрла на здравје на почви: нови методи, индикатори и стандардизација за следење на квалитетот на почвата, европска инфраструктура за податоци за почва (European Soil Observatory), LUCAS topsoil истражувања (Европска програма за земање примероци од почвата за да се добијат податоци за квалитетот на почвите низ цела Европа) и насоките од Предлог-законот за мониторинг на почвата (иницијатива на ЕУ која предлага заеднички правила за тоа како се следи состојбата на почвата) со посебен осврт на усогласување на методите (земјите во Западен Балкан ќе ги користат истите стандарди и техники, со цел податоците да бидат споредливи и валидни).

Третиот столб е квалитет на води, каде програмата најавува иновативни пристапи за подобрување на водните тела, мерења, лабораториски анализи и интерпретација на резултати за креирање на политики и нивно спроведување. Овој интегриран пристап воздух почва вода е во срцето на школата и веќе даде резултати во претходното издание (Нови Сад, 2023), каде што учесниците работеа на реални мерења, лабораториски протоколи и теренски задачи.

Зошто JRC? JRC е научната служба на Европската комисија која создава и одржува најважни лаборатории, модели и бази на податоци што им помагаат на институциите да носат подобри политики. Тоа вклучува сѐ – од стандарди за мерење на квалитетот на воздухот, до алатки што проценуваат како загадувањето влијае врз здравјето и животната средина. Затоа оваа летна школа е толку вредна: знаењето што JRC го развива за европските политики директно се пренесува кај студентите, истражувачите и професионалците во регионот.

Аплицирање

Пријавувањето е отворено за магистерски и докторски студенти, како и за млади истражувачи до пет години по дипломирањето од земјите на Западен Балкан. Можат да се пријават и додипломски студенти, но предност ќе имаат оние од напредните години. Вкупниот број учесници е ограничен на 25, работниот јазик е англиски и се очекува сите учесници да присуствуваат на целата петдневна програма без прекини.

Учеството на летната школа е целосно бесплатно. Дополнително, првите 10 најдобро рангирани кандидати ќе добијат финансиска поддршка, додека останатите учесници самостојно ги покриваат трошоците за патување и сместување.

Летната школа ќе се одржи во Кампусот на УГД (Бул. „Крсте Мисирков“ 10А, Штип), во периодот 14–18 септември 2026, со дневна програма од 09:00 до 17:00 часот, вклучувајќи планирани паузи во текот на денот.

Сите информации за условите за пријавување, критериумите за избор и програмата се достапни на официјалната страница на Европската комисија (EU Science Hub). Препорачуваме навремено да ги прегледате материјалите и да аплицирате: JRC Summer School 2026 – официјална страница и прелиминарна програма (PDF).

Темите и алатките што ќе се обработуваат на школата (како EDGAR и JRC‑FASST) заедно со стандардизацијата на методи и теренските активности, овозможуваат точно мерење и проценка на емисиите, подобро разбирање на здравствените ризици, како и интегрирано управување со воздухот, водите и почвите.

Со поддршка од JRC и УГД, оваа Летна школа носи европски научни и политички стандарди во срцето на нашата држава и им дава можност на 25 млади експерти од Западен Балкан да станат двигатели на промени во областа на животната средина.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат