Струмица, Гостивар, Струга, Кавадарци и Куманово со нови планови за почист амбиентален воздух
ноември 20, 2025

Пет општини во земјата Струмица, Гостивар, Струга, Кавадарци и Куманово подготвија локални планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, во согласност со европските барања и локалните потреби. Овие документи се клучни за утврдување на главните извори на загадување и дефинирање на мерки за нивно намалување.

Изминатава година Центарот за климатски промени, предводен од Филип Стојановски, работеше на изработка и ажурирање на плановите во соработка со општините. Во Струмица процесот започна од нула, со целосен инвентар на емисии и анализа на ризиците по здравјето, додека во Гостивар, Струга, Кавадарци и Куманово беа ревидирани постојните планови за да ги одразат актуелните состојби и потреби.

Плановите содржат конкретни мерки од намалување на емисиите од сообраќај и индивидуално греење, до зголемување на зелените површини, енергетска ефикасност, инспекциски надзор и активности за поголемо вклучување на граѓаните. За секоја мерка се утврдени индикатори, чекори за реализација и временска рамка.

Имплементацијата веќе започна: во секоја општина е избрана и финансирана по една мерка предложена од граѓаните, во рамки на проектот* Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од УНДП, заедно со Министерството за животна средина и Oпштините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица, со финансиска поддршка од Шведска.

Ова претставува важен чекор кон поефикасно справување со аерозагадувањето и создавање почисти и поздрави локални заедници.

 

*Проектот е дел од Програмска рамка, којашто е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат