Амбасадорот на Шведска ја зајакнува соработката за чист воздух – ја посети лабораторијата на УГД
ноември 18, 2025

 

 

Амбасадорот на Шведска во Северна Македонија, Ола Сулстром, и Слаѓана Србиноска, раководителка на Секторот за добро владеење и зелена агенда во УНДП, денес имаа работна средба со младите научни истражувачи на Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип. Средбата, организирана од Амбасадата на Шведска, е дел од продолжената поддршка на Шведска кон научните институции како клучни партнери во борбата против аерозагадувањето во Македонија.

За време на посетата, амбасадорот Сулстром се сретна и со раководството на УГД, вклучително со ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски, ја посети лабoраторијата АМБИКОН која е значително опремена со средства донирани од Шведска, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, спроведен од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општинитеКуманово, Кавадарци, Гостивар, Струга и Струмица.

 

Поддршката која УГД ја има од Кралството Шведска е исклучително значајна во заедничката борба за чист воздух. Напорите кои ги прави УГД, преку своите лаборатории, кои се најсовремени и можат да се рамнат со светските истражувачки центри, веруваме дека даваат значаен придонес во подобрување на квалитетот на воздухот. Низа години наназад ние сме во блиска соработка со Шведска, со локалните бизниси, како и со останатите чинители, а сѐ со една цел, а тоа е подобар и поквалитетен воздух за сите граѓани, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Преку таа соработка УГД стана водечки институт во мерењето и научните анализи на квалитетот на воздухот во Северна Македонија.

Младите истражувачи од различни научни области имаа можност да разговараат со амбасадорот за идните проекти и можностите за заеднички истражувања и иновации. Оваа средба ја потврдува стратешката улога на научните институции во националните напори за намалување на загадувањето.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат