
Фото: https://ifesd.mk/
Во рамки на 14. Глобален форум за одржлива енергија, што се одржа во Скопје, се одржа панел-сесија на тема „Искуства на Северна Македонија во подобрување на квалитетот на воздухот преку енергетска ефикасност“. Модератор на сесијата беше Сара Барнекоу, заменик-менаџерка на програмата и регионален советник за квалитет на воздухот при Шведската агенција за заштита на животната средина.
Панелот го отвори Н. Е. Ола Солстром, амбасадор на Шведска во Северна Македонија, кој ја истакна важноста на меѓународната соработка во справувањето со квалитетот на воздух. Тој порача: „Ако сакаш да одиш брзо – оди сам. Ако сакаш да одиш далеку – оди заедно“, нагласувајќи ја потребата од заеднички пристап и партнерства во борбата за чист воздух и одржлива енергија.

Фото: https://ifesd.mk/
Амбасадорот додаде уште една силна порака:
„Проблемот нема да исчезне, луѓето ќе се отселат. Тие не би сакале да го дишат загадениот воздух, ниту нивните деца да го дишат загадениот воздух“, истакнувајќи дека Шведска преку УНДП обезбедува поддршка за системски решенија за чист воздух во Република Северна Македонија.
Од страна на УНДП, Александра Димова Манчевска, проектна раководителка, ја истакна потребата од засилени активности на национално ниво:
„Шведска е успешен пример за чист воздух. Многу други земји исто така ја завршија оваа задача. Сега е наш ред да го унапредиме квалитетот на воздухот“, рече Димова Манчевска, нагласувајќи дека УНДП веќе има покажано успешни начини за намалување на загадувањето во пет општини во Македонија и во Град Скопје, преку конкретни интервенции и локални партнерства.

Фото: https://ifesd.mk/
Слаѓана Србиноска, програмска раководителка, презентираше резултати од други проекти кои ги спроведува УНДП, а кои се фокусираат на енергетска трансформација на јавни објекти, поддршка на локалните самоуправи и подигнување на јавната свест.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, ја презентираше најновата анализа за емисиите од согорување на дрва во домаќинствата, нагласувајќи дека овој извор е најголем загадувач со фини честички (PM2.5) во земјата. Тој истакна:
„Во Скопје, и покрај постоењето на систем за централно греење, согорувањето дрва во населбите Карпош и Ново Лисиче придонесува со 32 % до 33 % од годишните концентрации на честички. Во зимскиот период, овој извор е доминантен и учествува со повеќе од половина од вкупната маса на честички“, рече проф. д-р Мираковски, повикувајќи на нов пристап во енергетската ефикасност.
Панелот заврши со интерактивна дискусија, каде учесниците разменија добри практики и идеи за идни интервенции во областа на воздухот и енергетската ефикасност.
Форумот кулминираше со усвојување на „Декларацијата Скопје“, која ги повикува земјите низ светот да преминат „од цели кон акција“ во борбата за одржлива енергија и чист воздух.

Фото: https://ifesd.mk/