Согорувањето на дрво најголем загадувач: проф. д-р Мираковски со порака за нов пристап во енергетската ефикасност
октомври 30, 2025

Фото: https://ifesd.mk/

Ректорот на Универзитетот Гоце Делчев“ Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, учествуваше на 14. Глобален форум за одржлива енергија, што оваа недела се одржа во Скопје во организација на УНДП, Министерството за економија и петте регионални комисии на Обединетите нации. На панелот Искуства од Северна Македонија во подобрување на квалитетот на воздухот преку енергетска ефикасност“, тој ја претстави најновата анализа на емисиите од согорување на дрва во домаќинствата и нивното влијание врз загадувањето на воздухот.

Мираковски истакна дека согорувањето на биомаса во домаќинствата е најголемиот извор на загадување со фини честички (PM2.5) во земјата и во регионот. Иако често се посочуваат индустријата, сообраќајот и енергетиката како главни загадувачи, податоците покажуваат дека греењето на дрва е водечкиот извор на загадувањето во зима.

Во Скопје, и покрај постоењето на систем за централно греење, согорувањето дрва во населбите Карпош и Ново Лисиче придонесува со 32 до 33 % од годишните концентрации на честички. Во зимскиот период, овој извор е доминантен и учествува со повеќе од половина од вкупната маса на честички“, нагласи Мираковски.

Слична состојба, според неговото истражување, е забележана и во Куманово, Струмица, Гостивар, Кавадарци и Струга, каде биомасата е главен извор на загадување во сезоната на греење.

Професорот нагласи дека проблемот е длабоко поврзан со енергетската сиромаштија и недостатокот на пристап до енергетски ефикасни системи за греење. Како решение, тој посочи на потребата од масовна замена на индивидуалните печки, субвенционирање на обновливи извори и подобра енергетска изолација на домовите.

Презентацијата на ректорот се совпаѓа со пораките од Форумот, кој заврши со усвојување на Декларацијата Скопје“ документ што ги повикува земјите да преминат од цели кон акција“ во борбата за одржлива енергија и чист воздух.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат