Во периодот од 28 до 30 октомври 2025 година, Скопје е домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ (From Goals to Action: Powering the Future with Sustainable Energy). Настанот обедини над 1000 учесници од повеќе од 70 земји, меѓу кои се високи владини претставници, академици, експерти и економски лидери, кои во наредните три дена ќе ја обликуваат иднината на глобалната енергетска политика и одржливиот развој.
Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН: UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA.
Свеченото отворање се одржа во Македонската филхармонија, a на отворањето се обратија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, Армен Григорјан, постојан претставник на ОН во Северна Македонија и Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на ОН за Европа (UNECE).
Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска порача дека енергетската транзиција не е само технолошки, туку и општествен процес кој бара визија, храброст и долгорочни одлуки:
„Енергетската отпорност денес значи способност системот да се прилагоди и да функционира дури и во услови на глобална неизвесност. Зависноста од еден извор или снабдувач е минато – иднината припаѓа на диверзифицирани, одржливи и сигурни решенија“, истакна министерката.
Таа додаде дека технологијата и вештачката интелигенција треба да се гледаат како сојузници во предвидување на побарувачката и оптимизирање на потрошувачката на енергија, но предупреди дека „енергијата мора да ја користиме паметно, со фокус на луѓето, не само на машините“.
Целта на форумот е премин од глобални цели кон конкретни акции, со јасни чекори кон диверзификација на изворите, забрзување на инвестициите во обновливи извори и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.
Во рамките на настанот ќе биде потпишана и „Скопје декларација“, документ што ќе ги дефинира заедничките заложби на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со тоа, Северна Македонија ја зацврстува својата позиција како кредибилен партнер во глобалната енергетска транзиција.
Обединети нации: Енергетската сигурност и климатската отпорност имаат две страни
Армен Григоријан од UNDP нагласи дека форумот се одржува во време на големи глобални предизвици, но и огромни можности: „Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е срцевината на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда. Овде, во Македонија, работиме на подобрување на енергетската ефикасност и на намалување на загадувањето на воздухот. Им помагаме на семејствата да ги загреваат своите домови на чист и одржлив начин, овозможуваме бизнисите да инвестираат во зелени решенија, создаваме поздрави заедници и нови можности за раст.“
Татијана Молчан од UNECE порача дека глобалната енергетска транзиција е историска можност и одговорност.
Форумот со фокус на чиста енергија, технологија и праведна транзиција
Во текот на тридневниот настан ќе се одржат панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори за најактуелните теми: енергетска безбедност, финансирање на чиста енергија, управување со критични суровини, дигитализација на системите, чист воздух, како и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.
Форумот ја потврдува определбата на Северна Македонија да биде активен учесник во глобалната борба против климатските промени, со јасен фокус на чиста, сигурна и достапна енергија за сите.