
Фото: poetryrun.mk
Финалниот извештај од истражувањето за квалитетот на воздухот во Струга, спроведено од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“. Истражувањето е дел од пошироката иницијатива финансиски поддржана од Шведска, а има за цел да помогне во планирање и имплементација на ефективни политики и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот.
Годишната просечна концентрација на ПМ2.5 честички изнесува 30.3 µg/m³, надминувајќи ја европската граница од 25 µg/m³ за 21%. На 52.5% од деновите во годината, измерените вредности биле над дозволеното ниво.
Најголем виновник за загадувањето е сообраќајот, кој придонесува со 40 % од вкупната маса на ПМ2.5 честички, особено во летните и есенските месеци поради зголемениот туристички сообраќај. Горењето огревно дрво во зима учествува со 15 %, додека согорувањето на нафта и мазут во јавни објекти и индустрија додава уште 18 %. Отвореното горење на отпад и земјоделски остатоци, како и прашината од патишта и градежни активности, дополнително го влошуваат квалитетот на воздухот во оваа општина.
Истражувањето, спроведено од март 2023 до март 2024 година, е прво од ваков вид во Струга, каде досега немало и национална мрежа за мониторинг. Податоците укажуваат на потреба од итни мерки, вклучувајќи ограничувања на сообраќајот, промоција на јавен транспорт, замена на стари печки со еколошки системи за греење и подобро управување со отпадот. Примерот на Краков, Полска, покажува дека со сеопфатни мерки и поддршка за модернизација на греењето, воздухот може значително да се подобри.
Целосниот извештај е достапен за преземање на следниот линк: Линк до извештајот.