Струмица ќе стане единствен град на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз
август 27, 2024

                  Нови автобуси во Струмица / Фото – Слободен печат / Методи Здравев

Електричната енергија ќе се обезбедува од фотоволтаични панели поставени на 5.000 квадратни метри.

Од 11 септември по улиците на Струмица, но и до околните села, за првпат ќе сообраќаат автобуси на градски превоз. Вчера градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов и директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Струмица транспорт“ Драги Поп-Стојанов свечено ги презедоа клучевите на автобусите од добавувачот „Аутомакедонија“.

Костадинов истакна дека Струмица никогаш немала јавен превоз, а сега не само што го добива, туку сите автобуси се електрични.

Ќе бидеме единствен град на Балконот што има целосно електрифициран градски превоз. Нашата општина немаше јавен превоз. Воведувањето јавен превоз во општина Струмица со овие електрични автобуси носи огромни еколошки и финансиски придобивки. Во ова време на скапотија, не може да го занемариме значењето што го има градскиот превоз и затоа ова е многу важна работа за Струмичани. Втора значајна работа е енормното загадување во Струмица. Ова е револуционерен и радикален чекор, да имаме целосно електрифициран градски превоз. Ова е и во согласност со Европскиот зелен договор и час поскоро ќе дојде времето кога емисијата на загадување од градскиот превоз ќе треба да се сведе на нула – рече Костадинов.

Тој објасни дека според направената студија за градски превоз во Струмица, потребни се 12, а сега се набавени 10 автобуси.

Три автобуси ќе сообраќаат низ Струмица и граѓаните ќе имаат редовен сообраќај на 10 минути. Другите автобуси ќе го поврзуваат градот со сите села, освен некои подалечни планински – објасни Костадинов.

Тој рече дека картата во еден правец ќе биде 30 денари, но и дека ќе има месечни билети, како и бесплатни денови за пензионери. Во првиот месец, од 11 септември, кога ќе биде тест-период за самите автобуси, превозот ќе биде бесплатен.

Директорот на ЈСП „Струмица транспорт“ објасни дека целиот проект ќе биде и самостојно енергетски одржлив.

Понатаму, енергијата сами ќе ја обезбедуваме. На површина од 5.000 квадратни метри ќе се постават сончеви колектори. Од нив, покрај електрична енергија за полнење на возилата, ќе добиваме и електрична енергија за топлење и ладење на претпријатието што ќе управува со автобусите – објаснува Поп-Стојанов.

Студијата и за фотоволтаичната енергија веќе е направена, а проектот ќе се турка со јавно-приватно партнерство.

Набавната вредност на автобусите е безмалку 500.000 евра, со каматата за лизингот и со данокот на ДДВ достигнува 700.000 евра, но градоначалникот потсетува дека имаат право на поврат на ДДВ.

Нема евтина трансформација. Целта ни е овие пари и да ги искористиме за превоз на ученици за основно и средно. Ние и досега за нив имавме превоз, но148 милиони денари годишно даваме на приватни компании. Сега тие пари ги пренасочуваме дел за лизинг и за плати, другиот дел пак го оставаме во Општина Струмица – рече градоначалникот.

Автобусите се од моделот „исузу новоцити волт“, а ќе сообраќаат на пет линии.

 

 

Извор

Други содржини кои можеби ќе те интересираат