Намалувањето на загадениот воздух може да им помогне на постарите луѓе да живеат независен живот подолго, покажа истражување направено во САД.
Д-р Боја Џанг, од Универзитетот во Мичиген , кој е еден од авторите на студијата, рече: „Загадувањето на воздухот е поврзано со полошо здравје ‒ повеќе белодробни заболувања, повеќе срцеви заболувања, пократок животен век и поголема веројатност за деменција. Знаејќи дека загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од лошо здравје како што старееме, нѐ тера да се запрашаме дали изложеноста може да влијае и на тоа како луѓето можат да се грижат за себе во подоцнежниот живот“.
Истражувачите започнале со разгледување на животите на 25 314 постари лица во САД од 1996 до 2016 година. Секоја личност живеела независно кога била започната студијата и била интервјуирана на секои две години. Во просек од девет години, на 40 % од испитаниците им била потребна помош дома поради здравствени проблеми или проблеми со меморијата или морале да се преселат во дом за нега на стари лица.
Photo by Matt Bennett on Unsplash
Промената од независна личност во личност за која мора да се грижи некој беше поврзана со локалното ниво на загаденост на воздухот во текот на претходните 10 години, особено кај оние постари од 75 години. Оваа поврзаност била најизразена кај загадувањето со честички од транспортот и за азот диоксид.
Истражувачите процениле дека 730 000 луѓе годишно во САД ја губат способноста да живеат самостојно поради загадувањето од сообраќајот. Ова беше приближно 15 % од вкупниот број луѓе кои ја загубија својата независност, со годишен трошок од 11,7 милијарди долари.
Д-р Сара Адар, која ја водеше студијата, рече: „Нашите резултати се доказ дека штетата направена на нашите тела од загадувањето на воздухот може да промени колку добро можеме да се грижиме за себе како постари лица. Преземањето активности за загадувањето на воздухот не само што ќе го подобри квалитетот на животот на постарите возрасни лица, туку и ќе го намали оптоварувањето на здравствената заштита на општеството“.
Користењето горива за загревање на домот исто така влијае на квалитетот на воздухот во домовите
Додека американската студија се фокусирала на загадувањето на воздухот на отворено, истражувачите во Кина се фокусираа на загадувањето на воздухот во домовите на луѓето. Тие откриле дека префрлањето од чисти горива на цврсто гориво за загревање на домовите доведува до зголемен ризик од потреба од нега. Во споредба со луѓето кои користеле чисти извори на енергија, оние кои согоруваат цврсто гориво имале 40 % зголемена потреба за физичка нега, како што се помош за капење и облекување. Тие, исто така, имале 70 % поголема веројатност да им треба помош за други работи како што се купување, управување со пари и лекови, јавува Гардијан.