Со учество на повеќе од 30 учесници на последниот тренинг „Алатки за јакнење на капацитетите на општините – како понатаму“ кој се одржа на 21.5.2024 г. во хотел „Панорамика“ во Скопје, успешно се заврши спроведувањето на повеќемесечната тренинг-програма фокусирана за чист воздух. Тренингот беше посветен на понатамошното јакнење на капацитетите на општините, при што консултантите Весна Кардалевска и Александар Караев изнесоа добри примери за јакнење на капацитетите во Македонија и се осврнаа на важноста од менторството за подобрување на капацитетите, како и на потребните обуки во таа насока. Добри практики од светот изнесе чешката консултантка Сузан Легро.
Генерален заклучок од работилницата е дека ефектите од ваквиот тип програми се забележуваат на долг рок, со имплементација на знаењето во секојдневното дејствување. Се дискутираа разликите помеѓу тренингот, менторството и твининг поддршката, но и за многу други начини за јакнење на капацитетите на општините. Ваквите алатки помагаат во секојдневното работење и придонесуваат кон подобрени компетенции на учесниците.
Учесниците активно учествуваа и во групната работа која беше менторирана од страна на модераторите и која имаше за цел да ги утврди приоритетите на општинските службеници за тоа како да се продолжи понатаму со јакнење на нивните капацитети, односно каква поддршка им е потребна понатаму. Вежбата покажа различни приоритети, а меѓу другото ја потенцираше и потребата од меѓуопштинска соработка со цел справување со аерозагадувањето на локално ниво.
Истовремено, неопходно е да се работи и на јакнење на човечките капацитети во секторот животна средина, па така предлог-програма за овој сектор беше развиена од една од работните групи. Информацијата за начинот на формирање на сектор за животна средина во Општина Гостивар ги инспирираше претставниците од Кавадарци, па така тие во нивниот план за јакнење на капацитети предвидоа поддршка за формирање на ваков сектор во нивната општина. Интересно е тоа што општините сѐ повеќе ја препознаваат потребата од искористување на сончевата енергија, па така една од работните групи направи план за јакнење на капацитетите на претпријатието формирано од Општина Центар кое е предвидено да произведува и продава електрична енергија од сонце.
Консултантите потенцираа дека е неопходно општинските службеници да останат мотивирани и да вложат напори во локалните самоуправи да се пресликаат добрите практики, а со тоа да се постигнат видливи резултати кои директно ќе влијаат на намалување на аерозагадувањето, животната средина, но и квалитетот на живот во својата заедница.
Повеќе информации од тренингот може да најдете овде