АНАЛИЗА НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ГРАДИНКИТЕ
ноември 11, 2024

Фото: Нова Македонија/Игор Бансколиев

Примарната цел на училиштата и градинките е да им обезбедат на децата оптимална средина за нивно учење и развој. Овие установи се меѓу критичните социјални инфраструктури во општеството бидејќи претставуваат втор дом за учениците и децата во кои тие го поминуваат поголемиот дел од своето време во затворени простории.

Добриот квалитет на воздухот во затворените простории во училниците е од суштинско значење бидејќи може да влијае на здравјето, будноста, способноста за концентрирање и удобноста на учениците и наставниците.

Децата се чувствителни на различни еколошки изложувања во текот на оваа развојна фаза од нивниот живот, што може да има долгорочни негативни последици како што се респираторни заболувања и ниска когнитивна функција.

Многу параметри во училниците влијаат на децата, како што се: температурата во училницата, квалитетот на воздухот, осветлувањето и акустиката. Училишниот систем за вентилација е примарна алатка за обезбедување безбедна, удобна и здрава внатрешна средина. Нивоата на термичка удобност и прифатливиот квалитет на воздух се клучни за создавање средина која промовира оптимални образовни и здравствени резултати.

Поради ова, преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ покрај останатите испитувања, стручни лица од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (УГД) направија и дополнителни испитувања каков е квалитетот на воздухот и амбиенталните услови во пет училишта и градинки. Испитувањето на квалитетот на воздухот во затворените простории, како што се установи за згрижување деца, градинки и училишта, со цел зголемување на јавната свест за квалитетот на воздухот во затворените и јавните простори, се врши во пет општини и тоа: Струмица, Куманово, Кавадарци, Струга и Гостивар. Мерењата се направија на двапати и тоа, еднаш во грејна сезона (ноември-јануари) и втор пат во пролетниот период (април-мај).

Примероците добиени од зимскиот период (грејна сезона) беа анализирани во лабораторијата АМБИКОН при УГД, со помош на EDXRF и оптички трансмисометар. Покрај хемиската карактеризација на овие примероци бeа земени примероци и за анализа на биоаеросоли.

Биоаеросоли се однесуваат на разновидни агенси од биолошки извори пронајдени во затворени средини, кои вклучуваат: вируси, бактерии, ендотоксини ослободени од бактерии, алергени и габи.

Главните извори на биоаеросоли во училиштата и градинките се луѓето, но исто така и системот за греење, вентилацијата и климатизацијата. Системот за климатизација ја контролира влажноста на воздухот, температурата и содржината на честички итн. со помош на различни компоненти како што се: филтри, навлажнувачи, снабдување со свеж воздух, системи за ладење и греење. Во исто време, системот може да предизвика сериозен проблем со микробиолошка контаминација во затворен простор. Апарати за навлажнување на воздухот со прскање вода што содржат застојана вода, филтри преполни со органска прашина, ладилни намотки покриени со кондензација, неисцедени садови за кондензат и која било претерано влажна внатрешност може да понудат соодветни средини за размножување на микробите.

Бројот на бактерии во воздухот во затворена средина е добар показател за чистотата на системот за климатизација и еден од важните параметри за проценка на квалитетот на воздухот. Човечките тела можат да генерираат биоаеросоли преку активности како што се: зборување, кивање и кашлање. Постои значајна корелација помеѓу концентрациите на CO2 и бактериите и ова покажува дека ниската вентилација може да биде причина за зголемен број на бактерии.

Нивото на загадување на воздухот во затворените простории, како што се училишните згради, варираат во широк опсег во различни делови на светот во зависност од карактеристиките на локацијата, климатските услови, нивото на загаден воздух надвор во соодветната област, активностите на станарите, типот на вентилација и практиките на градбата.

Според стандардите и упатствата за квалитет на воздухот во затворените простории (NIOSH – Occupational Safety & Health Administration и ACGIH – American Conference of Industrial Hygienists), максималната дозволена концентрација на биоаеросоли не треба да надминува 1000 CFU/m3 за вкупни биоаеросоли и 500 CFU/m3 за вкупни бактерии. CFU или colony-forming unit е единица која го проценува бројот на микробни клетки (бактерии, габи, вируси итн.) во примерок кои се способни да се размножуваат под контролирани услови.

За да може да утврдиме кога и зошто се појавуваат овие микроорганизми во затворените простории, анализиравме по три училници/предавални во пет градинки. За секоја училница направени се анализи пред доаѓање на учениците, за време на нивниот престој во училницата и по нивно напуштање на училницата.

Надминувања на дозволените концентрации на биоаеросоли во испитуваните градинки се релативно ретки. Поточно од испитувани 15 училници, надминување има само во 2 училници и тоа во периодот откако учениците ги напуштаат своите училници. За време на нивниот престој внатре, концентрациите на биоаеросоли е во дозволената граница.

Ова укажува на фактот дека хигиената и вентилацијата во овие градинки е на задоволително ниво.

Во продолжение се дадени резултатите добиени во испитуваните градинки во секоја општина вклучени во проектот.

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Автори:

Проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Оддел за амбиентална контрола при Лабораторија АМБИКОН

Проф. д-р Афродита Зенделска, вонреден професор на Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и стручен соработник во Лабораторија АМБИКОН

Други содржини кои можеби ќе те интересираат