Чадот тивок убиец на Битолчани
март 1, 2024

Оџаците од домаќинствата сериозно конкурираат на загадувањето од РЕК. Една третина од Битола се грее на дрва. Со покачените концентрации на ПМ честички, расте и бројот на деца со респираторни проблеми. За време на грејна сезона во четвртото тримесечје од годината има и над 9.000 деца со неспецифични респираторни заболувања.

Една третина од домаќинствата во Битола се греат на дрва

Повеќе од една третина од домаќинствата во Битола, односно 12.874 од 30.154 се греат на парна и печки на дрва, јаглен, нафта и други горива, информира Заводот за статистика, според пописот во 2021 година. Од нив, дури 10.371 домаќинство се грее на печки, а 2.211 со парно на дрва. Во градот има 12 семејства што имаат печки и 9 парно-системи на јаглен, познат како ќумур. Со печки на нафта се греат 16 домаќинства и со парно на ваков енергенс 162. Дури 91 семејство се греат на печки и парно на други видови горива, кои не се посочени, што отвора сомнеж за горење отпад.

„Се грееме на дрва веќе 9 години, бидејќи сметаме дека така ни е поевтино. Финансиски не сме во можност да инсталираме друг систем на греење, пример на пелети или топлински пумпи на принципот воздух-вода зашто се поскапи, иако подоцна во тековното одржување се поевтини. Што да правиме кога немаме да платиме од старт за ваквите системи. Во зима, во Битола, загадувањето е екстремно високо, чувствуваме грижа на совест поради колективното здравје, но мора да се преживее“, вели Ѓорги Ѓоргиевски (64), пензионер од Битола.

Валентин Груевски, директорот на „Национални шуми“, вели: „Битола е град што годишно троши 20.000 до 25.000 кубни метри огревно дрво, во зависност од временските услови“.

„Тренд е во последниот период на ниво на држава да се намалува потрошувачката на дрво, а за тоа има многу фактори. Субвенциите за клима-уреди, евтините пелети, други модерни извори на затоплување и самиот начин на живот“, наведува Груевски.

Тој нагласува дека „Национални шуми“, покрај сечењето на дрва за огрев, се грижи и за пошумувањето, така што оваа година пошумени се над 1.200.000 садници, сопствено производство.

„Колку дрвото загадува или дали загадува помалку од други извори, ‘Национални шуми’ нема официјални податоци и не би шпекулирал во овој момент“, наведува Груевски.

Во 2022 година, преку Здружението, 1.600 пензионери набавија 10.000 просторни метри огревно дрво. Од страв од енергетска криза, тие што се грееја на струја, набавија и дрва. Во 2023 година, 1.400 пензионери купија 6.000 просторни метри огревно дрво.

Проблем е тоа што најчесто се користи влажно дрво, покажа истражувањето на Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола.

„Зголемената влажност во огревното дрво емитува 3-4 пати поголеми концентрации на ПМ честички од сувото дрво со влажност под 20 отсто. Никој во државата не знае со колкава влажност се дистрибуира огревното дрво. ЈП ‘Национални шуми’ нема никаква законска обврска да ја мери влажноста во огревното дрво, што остава основани сомнежи дека до крајните потрошувачи се дистрибуира влажно огревно дрво. Како организација, предложивме во програмата на Локалниот еколошки акциски план на Општина Битола до 2030 година да се испрати барање до ‘Национални шуми’, за дистрибуција на суво огревно дрво со количество на влажност под 20 отсто, и да се формира тим од Општината, кој по повик на граѓаните, со инструменти ќе ја измери влажноста на огревното дрво“, изјави професорот по географија, Мите Ристов, претседател на „Геосфера“ Битола.

Во четвртото тримесечје од годината над 5.000 претшколски деца со респираторни болести

Во Центарот за јавно здравје Битола се следи месечниот морбидитет од неспецифични респираторни болести кај предучилишни деца до 6 години и училишни од 7 до 14 години. Во објавената Проценка за ризик од загадениот воздух и неговото влијание врз здравјето на населението во 2021 година, најголем број заболени има во четвртото тримесечје, во тек на грејната сезона. Дури 5.522 заболени деца на претшколска возраст, а 3.637 на школска. Тоа во просек значи 61 заболено мало дете на ден во тие три месеци или 40 на школска возраст. Во третото тримесечје, кое ги опфаќа летните месеци, има 4.170 заболени на претшколска и 2.650 на школска возраст. Ова не се ковид-случаи.

„Во последните години, сè поактуелно е аерозагадувањето, кое претставува глобален проблем и кое има големи реперкусии врз здравјето на човекот. Најзасегнат е респираторниот систем, но аерозагадувањето влијае штетно и врз кардиоваскуларниот, нервниот систем или може да се каже дека ниту еден орган или систем од човечкиот организам не е поштеден. Велиме дека загадениот воздух не познава граници, а тоа особено важи за честичките помали од 10 микрометри, кои лесно навлегуваат во крвотокот, а оттаму и во секоја клетка на човечкиот организам“, наведува матичната лекарка Јаворка Роме.

Лекарката нагласува дека заболувањата на респираторниот систем се позастапени во есенските и во зимските месеци, кога и аерозагадувањето е поголемо и поизразено.

„Аерозагадувањето ја зголемува шансата за рак на белите дробови и стапката на смртност кај пациентите со рак на белите дробови. Алергиите, кои порано беа сезонски-поленски, сега се целогодишни, што секако е последица на аерозагадувањето“, наведува Роме.

Според Извештајот за здравјето на населението во Македонија во 2021 година на Институтот за јавно здравје, појавата и влошувањето на астмата, хроничната белодробна болест и рак на белите дробови, инфаркт на миокардот, срцева слабост и појава на мозочни удари и зголемена смртност од истите заболувања и воопшто зголемена општа смртност, се најчестите исходи по здравјето, како резултат на долготрајната изложеност на загаден воздух со ПМ честички.

Спас во инвертер-климите, топлификацијата и гасификацијата

И покрај тоа што состојбата со аерозагадувањето е екстремно лоша, сепак има одредени подобрувања со зачестената употреба на инвертер-климите во процесот на загревање на домовите во последните години. Во 2015 година, кога немало субвенции од ваков тип, годишните пречекорувања со ПМ 10 честитки изнесувале 141 ден, а лани 50, според податоците од станицата „Битола 2“ во центарот на градот.

Во Битола веќе се спроведуваат решенија за надминување на дел од ситуацијата со загадувањето, процесите се почнати, временските рамки се зададени, средствата се обезбедени. Едно од решенијата е изградбата на топловод во градот.

Државната компанија ЕЛЕМ формира АД „Топлификација“, кое работи на реализација на проектот, а инсталацијата, која предвидува носење топла вода од РЕК „Битола“ до градот Битола, е во напредна фаза.

„ВО ОВАА ФАЗА, ПРОЕКТОТ ПРЕДВИДУВА ПРИКЛУЧУВАЊЕ НА 35 ЈАВНИ УСТАНОВИ, УЧИЛИШТАТА, ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И СУДОВИТЕ. НИЗ ТРАСАТА ОСТАВАМЕ ПРИКЛУЧНИ ТОЧКИ ЗА КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ДО РАЗГРАНУВАЊЕ НА МРЕЖАТА, ОД ТАМУ ЌЕ СЕ ВАДАТ ИЗВОДИ СОГЛАСНО ПОТРЕБИТЕ НА ОБЈЕКТИТЕ ШТО ЌЕ СЕ ПРИКЛУЧУВААТ. ВО ТАА ВТОРА ФАЗА ЌЕ БИДАТ ПРИКЛУЧЕНИ КОТЛАРНИЦИТЕ НА ГОЛЕМИТЕ СТАНБЕНИ ЗГРАДИ, ТОА СЕ ОСУМТЕ КОТЛАРНИЦИ ВО ЗГРАДИТЕ ОД ПОРАНЕШНАТА БИТОЛСКА ТОПЛИФИКАЦИЈА, СО КОИ СЕ ОПФАТЕНИ ОД 2.500 ДО 3.000 ДОМАЌИНСТВА“, ИЗЈАВИ ГОРАН КОЗАРОВ, РАКОВОДИТЕЛ НА АД „ТОПЛИФИКАЦИЈА“.
ПРИДОБИВКИТЕ СЕ И ОД ФИНАНСИСКИ И ОД ЕКОЛОШКИ АСПЕКТ. „СО ПОЧЕТОКОТ НА РАБОТАТА НА ТОПЛИФИКАЦИЈАТА ЌЕ БИДАТ ЕЛИМИНИРАНИ НАЈГОЛЕМИТЕ ЗАГАДУВАЧИ НА ГРАДОТ“, СМЕТА КОЗАРОВ.

Тука се отвора прашањето, што со индивидуалните станбени објекти каде што нема да може да стигне топловодот. Козаров напоменува дека тие објекти ќе бидат опфатени со гасоводната мрежа, која паралелно се гради со топлификацијата, а главната потстаница за дистрибуција на гас е стигната до градот Битола.

Исплатени илјадници евра како субвенции за клима-уреди

Општина Битола, преку субвенции, ги стимулира битолчани за користење обновливи извори на енергија за затоплување на домовите. Обезбедува поврат на дел од потрошените пари за набавка на печки на пелети и инвертер-клими. Од 2017 до 2019 година, за печки на пелети дала 8.088.000 денари (131.512 евра), за клима-уреди 5 милиони денари (81.300 вера), а владата во 2019 година субвенционирала набавка на 2.683 високоефикасни инвертер-клими со 155.000.000 денари (2,5 милиони евра). Исто така во 2021 и во 2023 година, Општината исплатила уште 5,8 милиони денари (94.000 евра) субвенции за набавка на клими. Предвидени се и бројни краткотрајни мерки. Сите потфати треба да продолжат во континуитет за што повеќе битолчани да се откажат од печките на дрва, а со тоа и чадот да престане да ги задушува и убива.

 

Автори: Гордана Ивановска-Гравчева, Анета Блажевска, Жанета Здравковска

Фото: Гордана Ивановска-ГравчеваАнета Блажевска, Жанета Здравковска

 

Оригиналниот текст е објавен на следниот линк

Други содржини кои можеби ќе те интересираат