Мерните станици даваат јасна слика за квалитетот на воздухот, но влијаат и врз еколошката свест на луѓето
ноември 16, 2023

Мерните станици во рамките на државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух, кои интензивно се поставуваат низ државата за мерење на квалитетот на воздухот, имаат повеќекратна намена. Тие се единствениот начин за точно, прецизно и научно верификувано мерење на квалитетот на воздухот, но во исто време влијаат и на целата популација за зголемување на нивната свест во однос на изворите на загадување. 

До пред неколку месеци, во Струга немаше мерна станица во рамките на државниот мониторинг систем, иако честопати беше посочувана како општина каде има проблеми со загадениот воздух, особено по палењето на диви депонии. Во рамките на проектот* „Справување со загадувањето на воздухот“*, во Струга се поставија две мерни станици. Мерните станици се веќе во функција и ги читаат првичните податоци кои ќе дадат јасна слика за загадувањето во Струга. Оваа активност ќе влијае на јавноста и нивното однесување, а со тоа и на менување на одредени навики кај населението. 

„Изворите на загадување на воздухот само ги претпоставувавме и дискутиравме за акции кои треба да ги преземе општината во одредени моменти на видливо загадување. Со поставување на мерната станица воспоставен е секојдневен мониторинг следен со проверени инструменти и под надзор на реномирана научна институција. Мерната станица е лоцирана на влезот на Струга кај средношколскиот центар. Истата се состои од сет на мерни инструменти со различни параметри, поврзана на мрежа за постојано следење на параметрите на акредитирана лабораторија“, изјави Владислав Жупан, раководител на Одделение за локален економски развој во Струга.

 

„Во Струга се поставени две станици. Едната станица е Comde Derenda. Таа е референтна станица и работи со филтри. Примерок се зема преку еден ден, 24 часа работи, 24 часа паузира. Резултатите за нив се даваат во месечни извештаи на секои 4 месеци – квартално. Другата станица е E-sampler ES-642, која дава резултати во живо. Тоа е станица – нефлометар за автоматско мерење и евидентирање на нивоата на концентрација на честички во реално време во воздухот, со користење инструмент на принцип на распрскување на светлосен сноп и селекција на големината на честичките (PM 2.5) со циклон со остар пресек при проток од 2 (l/min). Инструментот е сертифициран како инструмент за индикативен мониторинг согласно MCERTS, UK“, изјави Бобан Самарџиски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

undp_mk_let_the_science_show_us_the_way_forward_in_dealing_with_air_pollution

Ваквите станици се исклучително важни за неколку аспекти на квалитетот на воздухот – собирање на квалитетни научни податоци за носење на политики и зголемување на еколошката свест кај населението. 

„Жителите на Струга ќе можат во реално време да го гледаат квалитетот на воздухот кој го дишат и да имаат информација кој или што е изворот на загадувањето. Од тие причини едната станица дава прецизни научни податоци, а другата дава податоци во живо“, велат од УГД. 

Струга долго време имаше проблем со идентификување на загадувачите и со загадување од запалувањето на депонијата. Поставувањето на мерните станици ќе донесе и многу нови можности за анализи, соработки со граѓанските организации и носење на ефикасни локални политики за намалување на загадувањето. 

„Ова пред сѐ беше иницијатива и инсистирање на проектната седница на Општина Струга и нашите партнери од УНДП кои веќе претходно спроведуваа вакви активности во градот Скопје, исто така со финансиска поддршка на Шведска. Соочени со проблемите на запалувањата на депонијата, која се наоѓа во близина на градот, инсистиравме Струга да биде една од пилот-општините во овој проект. Со приклучувањето на Општина Струга во овој проект се отвори и можноста граѓанските организации од Струга да ја искористат можноста да аплицираат и имплементираат дополнителен сет на активности во однос на загадувањето на воздухот. 

Проектните активности ќе овозможат поблиску да се идентификуваат основните извори на загадување и да се информира јавноста за состојбата со воздухот во Струга. Ова ќе овозможи да се конципираат на локално и регионално ниво соодветни мерки за намалување на загадувањето. Со тоа ќе се иницираат властите, граѓаните и деловните субјекти да земат активно учество во процесот на подобрување на квалитетот на воздухот. Планирани се и кампањи, образовни активности и информативни сесии со цел да се зголеми едукацијата и свеста на јавноста.

Проектот* може да се види како значаен чекор во поддршка на одржлив развој, што ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на луѓето и заштита на животната средина за идните генерации“, потенцира Жупан. 

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат