Минатите 2 години имавме 500 пожари – „Боренка“ дава можност да се вклучите во обнова на шумите
јуни 20, 2023

Aкцијата БОРЕНКА – нацртај го своето дрво, ги посети и едуцираше учениците во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип. Оваа акција ја спроведува Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), како дел од програмата за едукација и за заштита на животната средина. Оваа програма Сојузот на извидници ја спроведува заедно со ЈП „Национални шуми“ кои обезбедуваат подготовка на теренот, стручна помош, експертиза и надзор во дејствијата за садење.

Aкцијата БОРЕНКА – нацртај го своето дрво

Една од причините и мотивите за ваква акција е тоа што во последните две години Македонија беше зафатена со повеќе од 500 шумски пожари, а финансиската штета достигна 14 милиони евра. Уништени се екстремно големи површини шума, а природните последици се катастрофални. Природата е немоќна да се одбрани и брзо да се обнови, па затоа и е потребна нашата помош, велат од Сојузот на извидници.

Во 2022 година, Сојузот на извидници на Македонија ја започна најголемата волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја во Македонија. Дел од иницијативата е и едукацијата, која за прв пат се спроведе во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип.

Aкцијата БОРЕНКА – нацртај го своето дрво2

Едукацијата со учениците ја спроведе Снежана Јанковиќ од Сојузот на извидници на Македонија, која потенцира дека целта на овој настан е промоција на Боренка, иницијатива за пошумување на опожарени подрачја:

–Во минатото, посебно од 2019 до 2022 година имаше доста пожари, и сега е вистинскиот момент и време да се вратиме на тие опожарени подрачја и да посадиме нова шума. Како го правиме тоа со помош на Боренка? Боренка има два пакети, едниот едукативни работилници, со кутии кои содржат јаглени моливчиња и ливчиња. Јаглените моливчиња ги претставуваат изгорените дрва, кои треба да вратат живот на шумата. Ги посетуваме училиштата од цела Македонија, каде децата со овие јаглени моливчиња цртаат дрвце, го сликаат со телефонот и потоа може да го посадат во виртуелна шума на borenka.mk. Колку повеќе има нацртано дрвца и засадени во виртуелната шума, толку повеќе волонтерите на Боренка во текот на пролетното и есенското пошумување излегуваат на терен и заедно со Национални шуми пошумуваат – изјави Снежана Јанковиќ.

Годинава во оваа акција ОУ „Димитар Влахов“ е прво во рамиите на оваа акција, а досега имаат поминато над 2000 деца кои имаат нацртано дрвца, а има засадено дрвца во Петралица, Ранковце, на опожарени површини.

Aкцијата БОРЕНКА – нацртај го своето дрво3

–Денеска со учениците од Штип цртаме, а утре со младите од Штип ќе заминеме во Вардарскиот регион, Демиркаписко, каде ќе засадуваме вистински расад. Со оваа акција ќе бидат опфатени и регионите од Истокот каде имаше големи пожари. Ние како извидници сме отворени да ги координираме волонтерите кои сакаат да ни се придружат, а упатуваме апел и до училиштата да ни се придружат во акциите за засадување – додаде Јанковиќ.

Акциите за садење дрвја се одвиваат за време на викендите во текот на пролет и есен, кога условите се најдобри во природа. Изборот на видовите што се садат и локацијата каде што се садат се врши исклучиво во соработка со струката и експертите од ЈП Национални шуми како заеднички организатори со извидниците.

Од Штип во овој настан беа вклучени младите извидници, кои имаат интерес и се вклучуваат во акциите:

–Интерес отсекогаш постои, особено кај децата и младите, постојано се вклучуваат млади и имаме интерес за зголемување на членството. Работиме на едукација на деца и млади и развиваме различни програми. Последните месеци сме фокусирани повеќе на едукација за заштита на животната средина, едукација за пошумување и обновување на шумите, превенција од пожари и природни катастрофи. Мислам дека и во иднина ќе продолжи интересот, и ќе успееме во едукацијата на децата и младите , бидејќи токму тие треба да ја продолжат позитивната практика за заштита на нашите шуми и природата и за подобрување на условите во животната средина – изјави Дарко Тошиќ, извидник од Штип.

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат