ЗНМ и УНДП: Одржана втората обука за новинари за справување со загадувањето на воздухот
јуни 20, 2024

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот” од 17 до 19 јуни ја одржа втората дводневна обука за новинари на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“ во Велес.

За време на обуката учесниците имаа можност да ги подобрат своите знаења и вештини за теми поврзани со загадување на воздухот и улогата на новинарите во борбата за почист воздух, клучните термини и разбирање на процесот на анализа на загадување на воздухот, влијание на загаденоста на воздухот врз здравјето на луѓето и животната средина и улогата на новинарите во подигнување на јавната свест, новинарство засновано на анализа на податоци за загадување на воздухот,  потребата од соработка со граѓанските организации и локалната власт, техники на истражувачко новинарство при известување за загадувањето на воздухот, како и важноста на мултимедијалниот пристап при раскажување приказни за загадувањето на воздухот.

Обуката ја реализираа искусни новинари со долгогодишно искуство во следење и покривање теми од областа на животната средина како и стручни лица од тимот на Универзитетот Гоце Делчев од Штип, каде што е сместена акредитираната лабораторија за мерење на квалитетот на воздухот.

Проф. Д-р Дејан Мираковски ги презентираше техниките и апаратите за мерење на загаденост во воздухот, овојпат со фокус на амбиенталниот воздух во затворени простори. Тој исто така сподели препораки за следење на состојбите со загадување на воздухот.

Новинарката Катерина Топалова зборуваше на тема – Влијание на загаденоста на воздухот на здравјето на луѓето/животната средина и улогата на новинарите во подигнување на јавната свест, за важноста на истражувачкото новинарство при известување за прашања за животната средина и за пристапите при при раскажување приказни за загадувањето на воздухот.

Новинарот Александар Манасиев со учесниците разговараше за новинарството засновано на анализа на податоци за загадување на воздухот, на кој начин е најдобро ефикасно да се користи правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, а на крајот сподели алатки за мултимедијално раскажување на новинарски приказни.

Учесниците имаа можност да споделат и свои видувања, предизвици и искуства при следење и известување на теми од локално значење поврзани со влијанието на загадениот воздух преку интерактивна дискусија.

Оваа работилница беше во организација на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Превземено од ЗНМ

Фото: ЗНМ

Други содржини кои можеби ќе те интересираат