По дваесетина пожари дневно се активни во Македонија во изминатиот период. Дел од нив тешко да се стават под контрола, а веќе на помош пристигнуваат и авиони од другите држави во регионот. Според Центарот за управување со кризи минатото деноноќие имаше 26 пожари на отворено, а од нив активни утрово се 9 врз коишто противпожарно се дејствува по земја и на места со воздухопловна поддршка. Моментално најсериозен е пожарот на планината Серта, каде веќе и на мерните станици за чист воздух се забележува негативна промена во квалитетот на воздухот.
Моментално во Македонија посериозни се девет активни пожари и тоа:
– Пожарот на планината Серта се простира на 3 општини како 4 самостојни пожари.
- Општина Неготино во атарот на с. Калањево (гори ниска вегетација и шума);
- Општина Конче, селата Горни и Долни Липовиќ (нискостеблеста шума – бор);
- Општина Штип, место викано Патрик (смрека, дабова шума и мешовита шума);
- Општина Штип, помеѓу селата Драгоево и Селце, место викано Хаџи Реџепли (ниска вегетација и грмушки);
- Општина Ново Село над с. Бадилен (борова шума);
- Општина Чашка, селата Дреново и Долно Јаболчиште (мешовита шума);
- Општина Долнени, с. Црнилиште (нискостеблеста вегетација);
- Општина Долнени с. Слепче и с. Гостиражни гори ниска и сува вегетација (трева и нискостеблеста шума) и
- Општина Гевгелија, помеѓу селата Негорци и Кованец (даб, смрека, прнар, сува трева).
Според информациите од Центарот за управување со кризи од утринава се пристигнати турските воздухоплови кои помагаат во гаснењето, а во наредниот период се очекува да пристигнат воздухоплови од Словенија, Србија и Црна Гора кои ќе се приклучат на гаснењето.
Доколку се наоѓате во места кои се близу пожарите, добро е да знаете неколку работи кои се важни за да се заштитите себеси и вашите најблиски.
- Направете план за евакуација за вашето семејство независно колку моментално пожарот е мал. Не можете да знаете кога ќе се прошири.
- Погрижете се да имате неколку дена при рака лекови, вода и храна што не треба да се готви. Ова ќе ви помогне ако треба ненадејно да заминете поради шумски пожар.
- Редовно проверувајте ги инфомациите за пожарот на страната на ЦУК или на медиумите. Информираноста е исклучително важна во овие периоди.
- Следете ги предупредувањата и препораките од локалните власти ако сте во регионот на активен пожар.
Доколку решите да останете во околината каде има пожар, имајте на ум дека тоа ќе влијае на квалитетот на воздухот во тој регион. Овие работи се важни да ги знаете:
- Бидете свесни за квалитетот на воздухот. Има бројни апликации на интернет, па дури и сајтот на cistvozduh.mk каде имате информации за квалитетот на воздухот од мерните станици поставени низ државата. Кога се препорачува, останете внатре, затворете ги вратите, прозорците и сите отвори за довод на воздух на отворено.
- Размислете за купување на прочистувач на воздух. Ова е исто така важно дури и кога нема регионални шумски пожари ако живеете во зграда која е во лоша состојба. ЕПА препорачува да се избегнуваат средства за чистење на воздухот кои создаваат озон, кој исто така е загадувач.
- Информирајте се за системот на филтрирање на воздухот од вашиот прочистувач. Квалитетот и чистотата на вашите филтри се важни, затоа изберете филтри со висока ефикасност ако е можно и заменете ги по потреба. Исто така, важно е да знаете дали вашиот систем има отвори за довод на воздух на отворено.
- Обидете се во тој период да не го загадувате воздухот внатре. Тоа значи да не пушите во затворен простор, да намалите користење на правосмукалка, да не палите свеќи или темјан. Воедно, избегнувајте да пржите храна во тие денови, да користите гас или шпорети на гас.
- Направете „чиста соба“. Изберете соба со помалку врати и прозорци. Вклучете прочистувач на воздух со соодветна големина за оваа соба и користете ја таа соба повеќе.
- Минимизирајте го времето на отворено и носете маска надвор. Повторно, ќе ви помогне да се осигурате дека имате неколкудневни лекови и храна што не треба да се готви. Ако морате да одите на отворено, минимизирајте го времето и нивото на активност. Добро поставената маска N95 или KN95 или респираторот P100 може да ви помогне.