Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, која работи речиси две децении, ги објави најновите резултати од мерењата на квалитетот на воздухот во Гостивар. Во периодот од март 2023 до април 2024 година, на локацијата во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ беа собрани над 190 примероци на суспендирани честички (PM 2.5). Резултатите покажуваат сериозни предизвици за квалитетот на воздухот во градот, особено во зимскиот период. Мерењата се направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица*.
Концентрација на суспендирани честички PM 2.5
Измерената просечна годишна концентрација на PM 2.5 во Гостивар изнесува 29,1 µg/m3, што е 16 % над дозволената гранична вредност. Најниската дневна концентрација е регистрирана во летните месеци и изнесува 4,7 µg/m3, додека максималната концентрација достигнува дури 153 µg/m3 во зимскиот период. Овие податоци јасно укажуваат на сезонските разлики, при што во зимата, просечната месечна концентрација изнесува 30,6 µg/m3, што е за 10 % повисоко од летниот просек.
Извори на загадување
Моделирањето на податоците укажува на шест главни извори на загадување во Гостивар. Најголем извор е минералната прашина, која произлегува од градежништвото и ресуспензијата на прашина од улиците. Овој извор доминира во летните и сувите месеци. Втората најголема причина за загадувањето е согорувањето на биомаса, кое е најзастапено во зимските месеци и вклучува греење на домаќинствата, користење дрва во ресторани и фурни, како и индустриски објекти што се греат на биомаса.
Сообраќајот и горењето отпад како фактори
Сообраќајот, кој постојано придонесува кон загадувањето во текот на годината, покажува значително зголемување во летните и есенските месеци, кога улиците се посуви, а активноста на градежништвото е повисока. Горењето оган на отворено е исто така значаен извор во пролетните и раните летни месеци, особено при горење на стрништа и земјоделски отпад.
Заклучок
Резултатите од мерењата во Гостивар јасно укажуваат на потребата од подобрување на мерките за намалување на загадувањето, особено во зима, кога согорувањето на биомаса и ниската брзина на ветерот создаваат услови за значително покачување на концентрациите на штетни честички во воздухот. Влијанието на метеоролошките фактори и локацијата на изворите на загадување, како што е забележано преку анализите на правецот на ветерот и концентрациите на честички, дополнително ги усложнуваат предизвиците за подобрување на квалитетот на воздухот во градот.
*Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.