Воздухот во домот често може да биде по загаден од оној надвор
јуни 21, 2023

Интервју со Ректорот на Универзитетот ‚‚Гоце Делчев‘‘ од Штип, проф. д-р Дејан Мираковски

проф. д-р Дејан Мираковски

При висока загаденост на воздухот често се даваат препораки да се остане во домот, но експертите предупредуваат дека тоа не секогаш е правилно. Со првите топли денови повеќето од нас забораваат на загадениот воздух во грејната сезона. Но не и тимот на реномирани експерти од областа и професори од Универзитетот ‚‚Гоце Делчев‘‘ во Штип, кои во ова лето ќе работат со полна пареа да набават и склопат инструменти за од септември да го мерат квалитетот на воздухот во училишта и градинки во пет општини: Струмица, Струга, Гостивар, Куманово и Кавадарци.

Една од главните препораки во деновите со лош квалитет на воздух е „останете дома/во затворени простории“ и „не се движете многу на отворено“. Но колку воздухот дома е почист од оној надвор? 

Во зависност од видот на изворите на загадување и активностите во затворените простории, како и од нивните конструктивни карактеристики, воздухот во затворените простории, многу често може да биде значително позагаден од воздухот надвор, дури и при епизоди на високо амбиентно (надворешно) загадување. Голем број истражувања ширум светот јасно укажуваат дека доколку во домовите имаме значителни извори на загадување, нивоата на изложеност, а со тоа и негативните ефекти врз здравјето на луѓето, се повисоки внатре во просториите отколку надвор. Слични резултати покажа и нашата студија во населбата Лисиче (Скопје) во текот на 2021 година, а која вклучуваше домови во кои се користат стари уреди за греење и готвење на цврсти горива. Измерените 24-часовни просечни концентрации на суспендирани честички PM 2.5 во домовите што се загреваат со внатрешни уреди на цврсти горива се движеа во опсег од 200,1 ± 123,1 µg/m3, додека во истиот период, измерените 24-часовни просечни концентрации на PM 2.5 на отворено беа во опсег од 53,57 ± 28,16 µg/m3. Добиените податоци јасно покажаа значително (скоро 4 пати) повисоки концентрации на суспендираните честички во домовите, во однос на надворешниот амбиент. Оваа индицира значително поразличен проблем од нашата вообичаена перцепција, бидејќи посебно во зимскиот период, ние поголем период од времето поминуваме во домовите и затворените простории отколку надвор, што за жал посебно е изразено кај осетливите категории како децата и повозрасните, кои пак се и почувствителни на негативните влијанија на загадувањето на воздухот.

Децата го поминуваат поголемиот ден од денот во образовните институции. Што влијае на квалитетот на воздух во една градинка/училиште?

Квалитетот на воздухот во училниците и просториите за престој на деца предизвикува голем научен интерес во последниов период, пред се поради фактот што покрај негативното влијание врз здравјето на децата, има и значително влијание врз ефикасноста и успешноста на воспитно образовниот процес во целина. Главните проблеми воочени во досегашните истражувања генерално се поврзани со зголемените концентрации на хемиските и/или биолошки штетности, како и влошениот термален комфор во просториите. Најчести загадувачки материи кои се јавуваат во училниците, вклучуваат зголемени концентрации на суспендирани честички како резултат на нивно генерирање во просториите или пенетрација од надворешната средина и постојана ре-суспензија на истите поради активностите на децата. Не помалку значајни се и зголемените концентрации на гасни загадувачи, како што се формалдехидот или органските испарливи компоненти (VOCs), кои се емитираат од некои видови на подови, мебел, разни уреди и играчки, печатени материјали и слично, а чии зголемени концентрации може да имаат значителни негативни ефекти врз здравјето на децата. Несоодветното проветрување пак доведува до нарушување на термалниот комфор и зголемени концентрации на јаглерод диоксид, што може да има негативни ефекти врз менталната концентрација и резултатите на учење, како и зголемени концентрации на био-аеросоли (бактерии, вируси, спори и мувла), проблем кој посебно дојде до израз во периодот на пандемијата. Сè на сè, постојат повеќе предизвици, чие решавање е возможно само доколку целосно се анализираат условите и концентрациите на загадувачки материи, како и причините за нивна појава, што впрочем е основна цел на нашето најново истражување.

Градинките и училиштата во кои ќе се прават мерењата допрво ќе се одбираат во соработка со соодветните институции и општините. Но кажете како ќе се вршат мерењата?

Методологијата на реализација на мерењата е дефинирана во согласност со препораките на светската здравствена организација (СЗО) и локалните специфики за квалитетот на воздухот, а во основа вклучуваат анализа на;
– концентрациите на суспендирани честички (хемиски состав, масена и бројна концентрација на различни фракции),
– концентрацијата на биоаеросоли (вкупен број),
– концентрацијата на гасовити загадувачи како CO2, CO, органски испарливи компоненти и формалдехид (трендови и просечни концентрации), како и
– анализа на параметрите на проветрување и термален комфор во просториите.

Програмите на мерења и земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред, за време и по часовите на часовите (од понеделник до петок, од утро до крајот на училишниот ден). Поради различните стапки на емисии и проветрување за време на студените (ноември до март) и топлите (мај до септември) периоди, ќе се спроведат две кампањи за мониторинг односно земање примероци, за да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи. Во секоја институција ќе бидат избрани најмалку три локации за земање примероци, кои ќе бидат репрезентативни за зградите и ќе бидат избрани по првична проценка и во договор со релевантните засегнати страни. Факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот во затворените простории (согорување внатре и надвор, видови на мебел, опрема и слично) исто така ќе бидат документирани и пријавени. Дополнително, ќе биде анализирана и надворешната средина, вклучително и близината до сообраќајници, индустриски извори на загадување и слично, а ќе биде документирано и времето на почетокот и завршувањето на часовите во кои се присутни учениците, како и времетраењето на (училишните) паузи. Во сите фази на реализација на мерењата ќе бидат воспоставени соодветни процедури за контрола на квалитетот, вклучително и калибрација за тестирање на прецизноста, како и обезбедување на целосна надворешна следливост на процесите на калибрација на сите мерни уреди вклучени во мерните програми.

Кога да ги очекуваме првите резултати?

Согласно плановите, во текот на летото ќе се работи на оперативните процедури и на составување, тестирање и калибрирање на опремата. Првите мерења на терен ќе започнат во средината на септември, а се очекува теренските да се комплетираат заклучно со месец март наредната година, така што целосните резултати ќе бидат спремни во текот на мај или јуни 2024 година. Планирано е целата студија да биде презентирана текот на септември наредната година.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат