Старите навики продолжуваат да го загадуваат воздухот
февруари 23, 2024

ВИСТИНАTA ЗАД ПАЛЕЊЕТО НА СТРНИШТАТА

Голем број токсични загадувачи се испуштаат во нашата атмосфера поради отвореното согорување на лушпата

Оган, чад, загаден воздух, со сериозни ризици за здравјето и животот на луѓето. Секоја година ја гледаме истата слика во кочанскиот регион, кога завршува жетвата на оризот и почнува периoдот на палење на сламата и земјоделските остатоци. Ова палење испушта голем број загадувачи во воздухот што го дишеме, предизвикувајќи разни болести и претставува голема опасност за нашето здравје. Исто така, со овие „пракси“ се ризикува пожарот да се рашири и да предизвика многу поголеми штети, ставајќи во опасност и човечки животи.

Ризикот за ширење на пожарот е голем и штетите ќе бидат неповратни кога овие пожари би се прошириле неконтролирано. Тогаш би се соочувале со пожари од огромен обем и со високо загадување.

ТППЕ Кочани оваа година, заклучно со 28.12.2023 година, 212 пати интервенирала на пожар на отворен простор. Според командирот Драган Апостолов, проблемот е голем затоа што градот се остава на милост и немилост бидејќи сите расположливи капацитети на ТППЕ се насочени кон гаснењето пожари на отворено.

„НИЕ АПЕЛИРАМЕ СЕКОЈА ГОДИНА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ДА БИДАТ СОВЕСНИ И ДА НЕ ГИ ПАЛАТ
ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ОСТАТОЦИ. ТОА НЕ Е ОД ПОЛЗА НИТУ ЗА НИВ, НИТУ ЗА НАС. КОЛКУ ПОМАЛКУ ПАЛАТ, ТОЛКУ ПОМАЛКУ РАБОТА ЌЕ ИМАМЕ НИЕ, А СО ТОА НЕМА ДА БИДАТ ЗАГРОЗЕНИ ЦЕЛИ СЕЛА. НО, АПЕЛИРАМЕ И ДО ГРАЃАНИТЕ, ДОКОЛКУ ЗАБЕЛЕЖАТ ПОЖАР НА ОТВОРЕН ПРОСТОР, ДА ПРИЈАВАТ НА 193 ИЛИ НА 112 НАЈБРГУ ШТО МОЖАТ“ – ДЕЦИДЕН Е АПОСТОЛОВ.

Но, колку се штетни овие традиционални пракси за воздухот што го дише населението во Кочанско?

AQI (Air Quality Index) има објавено научна статија на 5.2.2019 година со наслов „Негативните ефекти од согорувањето на стрништата врз нашата околина“ (орг. The Adverse Effects of Stubble Burning on our Environment), реферирајќи токму на штетите што ги предизвикуваат овие чинови, како најлесен начин за ослободување од сламата во Индија, каде што 50 отсто од популацијата работи со култивација на земјоделски производи.

Статијата тврди дека, „Истражувачите покажаа дека согорувањето на остатоците од земјоделска биомаса или согорувањето на стрништата претставува голема опасност за здравјето. Тоа не влијае само врз нивоата на органски јаглерод во почвата, туку произведува и неконтролирано количество штетен чад, кој предизвикува загадување на воздухот во непосредна близина. Голем број токсични загадувачи се испуштаат во нашата атмосфера поради отвореното согорување на лушпата. Овие загадувачи содржат и штетни гасови, како метан, јаглерод моноксид, испарливи органски соединенија и канцерогени полициклични ароматични јаглеводороди. Овие токсични гасови, или создаваат облак од пепел, или се формираат во смог поради засиленото количество чад присутно во атмосферата. Овие штетни гасови создаваат постојано количество кумулативна опасност, која има способност да патува илјадници километри, зголемувајќи го нивото на загаденост на воздухот во околните градови со целосно уништување на индексот на квалитетот на воздухот и станувајќи причина за бројни здравствени проблеми“, пишуваат од Аir Quality Index.

Универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“, Љупчо Михајлов вели дека земјоделците тешко ги прифаќаат новите технологии и продолжуваат да ги палат стрништата, но со став дека тоа не е без причина.

– Една од причините е што не поседуваат соодветна приклучна механизација, соодветна влечна механизација и трактори, а и малку ги имаат, бидејќи тие, пред сѐ, се скапи и за да се примени некоја нова технологија, потребна е и специфична опрема за таа работа, која, за жал, голем дел од земјоделците ја немаат, вели Михајлов.

Според него, друга причина е и тоа што не прифаќаат да се одвикнат од старата навика за палење на стрништата, а и тука имаат недостиг од соодветна опрема.

– Кога земјоделците би имале комбајни со секач, кои ќе ја ситнат пожетвената маса од сламата кај житата, нема да има никаков проблем тие да ја заораат и да добијат бесплатна органска материја, односно бесплатно подобрување на органската материја, бесплатно ѓубрење на почвата. Така што немаат друг избор, освен да ја палат сламата, бидејќи, ако не ја запалат, таа ќе им пречи во основната и во дополнителната обработка на почвата, кога ги подготвуваат површините за сеидба, вели Михајлов.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) велат дека секоја година објавуваат повици каде што земјоделците имаат можност да ги постават своите барања и потреби и да најдат заеднички решенија. Министерството за земјоделство, неколкупати реагираше за да може да се надмине ваквиот проблем, со субвенции и доделување машини, со кои земјоделците ќе ја преработуваат почвата без да ги палат стрништата. Но, што се случува со овие субвенции и дали се правилно применети овие решенија за да добиеме некаков резултат, сѐ уште не знаеме. Од Министерството тврдат дека се подготвени да реагираат и да инвестираат околу оваа проблематика во секое време.

Каде се наоѓа проблемот во овој случај? Зошто проблемот сѐ уште не е решен? Дали за земјоделците навистина претставува голем проблем да се работи со нова технологија и дали имаат недостиг од машинерија или го прават тоа едноставно како најлесно моментално решение за својот проблем? Од друга страна, дали институциите треба заеднички да се ангажираат, поставувајќи поригорозни мерки и крајно давајќи решение на еден од поголемите сериозни загадувачи на воздухот?

Иницијативи за решавање на овој проблем имаат и од граѓанското здружение „Одбор за здрав живот“ – Кочани. Од таму секоја година поднесуваат иницијативи, со цел да се стави крај на горењето стрништа и загадувањето на воздухот. Претседателот на граѓанското здружение „Одбор за здрав живот“, Зоран Тодоров вели дека имаат четири стратегии, кои може да дадат резултат.

Ние, како одбор за здрав живот – Кочани, имаме предложено четири стратегии за решавање на оризовата слама.

„Првиот предлог е најприфатлив, а последниот најскап“ – велат од „Одбор за здрав живот“ – Кочани. И покрај сите напори за овие пракси да останат во историјата, земјоделците остануваат верни на старите навики, а нудат решенија за безбедно палење на стрништата.

Палењето на стрништата е стара, но и лоша навика на земјоделците, согласни се самите земјоделци и научната фела. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Сарафимов вели дека подолго време имаат идеја и ја изнесуваат на надлежните институции, како да ги палат стрништата, затоа што земјоделците и производителите на ориз од брегалничкиот регион сметаат дека на тој начин ги заштитуваат своите култури од болести за следната сезона.

– НИЕ, ТАА ИДЕЈА ЈА ИМАМЕ ОДАМНА, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО ИЛИ ПРЕКУ ДРУГИТЕ СЛУЖБИ БАРАМЕ ДА НИ ОДОБРАТ ДА ГИ ПАЛИМЕ СТРНИШТАТА ПО ЖЕТВАТА НА ЖИТО И ОРИЗ, НО ТОА ДА БИДЕ КОНТРОЛИРАНО, НА ТОЈ НАЧИН ШТО ЌЕ ПРИЈАВИМЕ ВО ПРОТИВПОЖАРНИТЕ СЛУЖБИ, А ОСВЕН ТОА, НИЕ ИМАМЕ И НАШИ ЦИСТЕРНИ, ТРАКТОРИ, СО КОИ БИ ГО ОБЕЗБЕДИЛЕ ТОЈ ПРОСТОР. ЗНАЧИ НИЕ САКАМЕ ТОА ДА БИДЕ ПРИЈАВЕНО И КОНТРОЛИРАНО, А ЗА АНГАЖИРАЊЕТО НА ПРОТИВПОЖАРНИТЕ СЛУЖБИ ДА СЕ ПЛАТИ“ – ВЕЛИ САРАФИМОВ.

Тој смета дека ова решение ќе оди во прилог на земјоделците, но и на сите институции, кои по ваквите пожари излегуваат на терен и се справуваат со пожарите.

На тој начин ќе се спасиме од некои болести што се јавуваат кај житата, како годинава, на пример, што се појавија и некои нови болести, вели Сарафимов. Оваа година земјоделците од Кочанско се соочија со нов проблем кај оризот, односно болест што го зафати и го преполови производството на ориз. Како што велат земјоделците, не можат да си овозможат нови комбајни или машини што ќе ја преработуваат сламата. Затоа се користи, според нив, еден од најстарите и најдобри начини за почвата повторно да се подготви за сеидба следната сезона.

Но, проблемот продолжува да не се решава. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека се подготвени заедно со земјоделците да ги решат овие проблеми и дека за овие решенија може да се инвестира и со буџетот на Министерството наменет за 2024 година.

 

Автори: Асдрен Челику, Лаура Стојанова и Матеја Милошевска

Фотографија: Асдрен Челику и Лаура Стојанова

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот. 

 

Оригиналниот текст е објавен на следниот линк

Други содржини кои можеби ќе те интересираат