Воздухот внатре, многу често може да биде значително позагаден од воздухот надвор, изјави во интервјуто за УНДП, Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Професорот Дејан Мираковски.
Подвлекувајќи го мотото на овогодинешното одбележување на светскиот ден на чистиот воздух, „Заедно за чист воздух“, тој додаде дека за справувањето со заканата на загадениот воздух ќе биде потребна координирана акција од бројни фактори, во текот на подолг временски период.
На меѓународниот ден на чистиот воздух за сино небо разговаравме со него, заради потребата од потенцирање на значењето на зголемениот фокус на подобрувањето на квалитетот на воздухот.
Врз основа на резултатите од проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, со континуираната помош од владата на Шведска, Програмата за развој на Обединетите Нации ги проширува своите активности со нов проект во пет општини кои исто така имаат сериозен проблем со загаденоста на воздухот (Кавадарци, Куманово, Струга, Струмица и Гостивар). Тимот на експерти од лабораторијата „Амбикон“ ќе има клучна улога во мерењата на загаденоста на воздухот во секоја од овие општини.
Професорот Дејан Мираковски верува дека иако високото ниво на загаденоста на воздухот е сериозен проблем за луѓето кои живеат во поголемите градови во државата, обемот на научни истражувања во оваа област останува релативно ограничен и се базира на навистина мал број на истражувачки групи.
„Токму малиот обем на научно издржани податоци, кои за жал се ограничени и просторно и временски, неретко остава голем простор за произволни интерпретации и празни дискусии, кои ги наместо да водат до решенија на проблемите, ги попречуваат сите напори за спроведување на соодветни стратегии за намалување на аерозагадувањето. Верувам дека зголемениот обем на истражувања ќе ни овозможи многу подобро разбирање на проблемите, а со тоа и нивно поефикасно решавање“ – вели Мираковски.
Мерењата се комплексни и траат подолг период. Заради различните интензитети на изворите и различните услови на дисперзија на загадувачките материи во различни периоди од годината, тие ќе опфатат период од најмалку една година.
Првиот чекор вклучува земање на примероци на честичките од воздухот, што ќе се врши според строго дефинирани техники и правила, со користење на таканаречените „референтни“ системи.
Следниот значаен чекор е одредувањето на хемискиот состав на честичките, коишто се зафатени на филтрите а последен, но секако не и најмалку значаен чекор е моделирањето, во кој со користење на напредни математички алатки ќе го добиеме одговорот на најважното прашање: кои се најголемите загадувачо во секоја од општините? Одговорот на ова прашање е од клучно значење во справувањето за загадувањето на воздухот – затоа што ќе ни покаже кој тип на мерки треба да ги применат надлежните.
Она што го разликува истражувањето кое ќе го спроведат експертите од лабораторијата Амбикон од претходните истражувања се мерењата на загаденоста во затворен простор.
Две училишта или градинки од секоја општина ќе бидат дел од ова значајно истражување, објаснува Мираковски.
„Во зависност од видот на изворите на загадување и активностите во затворените простории, како и од нивните конструктивни карактеристики, воздухот внатре, многу често може да биде значително по загаден од воздухот надвор. За жал, овие состојби може да имаат уште поизразени негативни ефекти врз здравјето на изложената популација, пред се поради фактот што луѓето во просек значително поголем дел од времето минуваат токму во затворени простории.“ – укажува Мираковски.
Тој објаснува дека овие мерења ќе бидат направени во согласност со препораките на СЗО и ќе вклучуваат анализа на концентрациите на суспендираните честички, био-аеросолите и гасовитите загадувачи како што се CO2, CO, органските испарливи компоненти и формалдехидот.
Овие мерења, според Професорот Мираковски, ќе бидат направени во период од најмалку една недела во секое училиште и ќе се реализираат пред, во текот и по крајот на наставата (од понеделник до петок, од почеток до крајот на училишниот ден).
Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип има една од најдобро опремените лаборатории, на национално па дури и регионално ниво, која како што вели Мираковски, стои рамо до рамо со најсовремените европски лаборатории од оваа област. Тој појаснува дека нејзиниот капацитет е дополнително засилен со донациите од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“[1], финансиран од Шведска.
„Набавката на високо софистициран рендген флуоресцентен спектрометар и најсовремени целосно автоматски (секвенцијални) системи за земање примероци и анализа на суспендираните цврсти честички од воздухот, се токму јадрото околу кое денес се развива лабораторијата“ – објаснува Мираковски.
Во борбата против загадениот воздух, постои очигледна надеж, вели Ректорот на УГД.
Речиси сите земји, кои сега постојано се на врвот на листата на земји кои имаат најдобар квалитет на амбиеталниот воздух, како што е на пример Шведска, порано се соочувале со слични или дури и полоши проблеми со загадениот воздух, но тие проблеми сега се само далечно сеќавање.
„Решенијата, без исклучок биле резултат на специфични и добро насочени мерки, базирани на точни податоци и издржани научни анализи на проблемите. Сигурен сум дека доколку го следиме овој пристап, ќе успееме да ги надминеме овие проблеми и во блиска иднина ќе живееме во градови, каде проблемот со загадениот воздух ќе биде минато.“ – заклучува Мираковски.
[1] Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.