Политиките кои влијаат на човековото однесување – важен чекор кон подобрување на квалитетот на воздухот
јули 20, 2023

Интервју со Александра Димова Манчевска, раководителка на проект за квалитет на воздух во УНДП

На крајот на месец мај, Белград беше центар на Балканот. Се организираа две значајни регионални работилници поврзани со квалитет на воздух, на кои беа презентирани бројни позитивни примери и добри практики од нашата држава од претставниците на владите, финансиските институции, меѓународните организации, приватниот секторот и академската заедница. Г-а Александра Димова Манчевска, раководителка на проекти за квалитет на воздух во УНДП учествуваше на регионален симпозиум на знаење на тема „Енергетска ефикасност на зградите во регионот на Балканот“ и ги презентираше искуствата од проектот.

Интервју со Александра Димова Манчевска

Регионалниот симпозиум на знаење „Енергетска ефикасност на зградите во регионот на Балканот“ е нов концепт на споделување искуства и знаења. Како резултат на тоа, привлече големо внимание во медиумите во регионот. Какви се Вашите видувања како учесник и панелист на настанот? Иако квалитетот на воздух е заеднички предизвик за сите држави во регионот, дали и колку можеме да си помогнеме едни на други?

Овој симпозиум собра на исто место голем број регионални експерти и практичари, кои споделија релевнтни искуства и совети на темата енергетска ефикасност. Познато е дека мерките кои подразбираат зголемување на енергетската ефикасност на домовите или деловните згради е една од клучните мерки за справување со загадувањето на воздухот. Воздухот не познава територијални граници. Оттука, од огромна важност е со заеднички сили, преку вклучување на разни партнери и заинтересирани страни, заеднички да придонесуваме кон унапредување на квалитетот на воздухот. Затоа вакви настани, каде што професионалци ги споделуваат искуствата од своите земји е пример кој треба да се поздрави и поддржи, бидејќи креираме можости каде можеме да учиме едни од други и од примерите кои се покажале дека функционират, но и од оние кои се покажале дека не функционираат.

На овој симпозиум активностите кои беа спроведени во рамки на проектот Справување со загадувањето на воздухот во Скопје беа презентирани како успешна и иновативна пракса во рамки на две теми:

Промената на однесувањето на индивидуалните потрошувачи е потценет аспект во поефикасна употреба на енергијата и во енергетската транзиција. Вие зборувавте токму на таа тема за искуствата од проектите кои ги водите. Кажете ни нешто повеќе, што значи тоа, зошто е важно да се инвестира во разбирањето на моделите на однесување, предизвиците за тоа и добри примери каде е постигната промена? 

Спроведувањето на генерални мерки за енергетска ефикасност кои се насочени кон пошироки и генерални групи даваат лимитирани резултати. Оттука, често си поставуваме за цел овие резултати да ги надминеме. И тогаш почнуваме да се интересираме за причините зошто имплементацијата на одредени мерки водат само до одреден резултат и како можеме тој резултат да го подобриме. Почнуваме да се интересираме за однесувањето и навиките на одредена група на луѓе, за нивната мотивираност и поттик да променат некоја навика или однесување во насока на заштеда на енергија и заштита на животната средина. Едноставно, сакаме да разбереме како можеме да помогнеме на одредена група на граѓани да донесат едноставната одлука, преку поедноставување на комплексната ситуацијата.

Интервју со Александра Д. Манчевска

Канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во изминатите години активно работи во оваа област и веќе станува препознатлив лидер во регионот, чии искуства и добри практики се интересни за други земји.

Ќе продолжите ли да работите на оваа проблематика во рамките на втората фаза на проектот  „Справување со загадувањето на воздухот*“?

Да, дефинитивно. Планот е во текот на наредната година да работиме со граѓански организации кои се активни во петте општини кои се наши партнери во рамки на втората фаза од проектот, поточно со општините Кавадарци, Куманово, Струмица, Струга и Гостивар. Овие граѓански организации ќе добијат грантови за спроведување на иницијативи за унапредување на квалитетот на воздухот. Покрај поддршката која ќе ја добијат од страна на УНДП, петте организации ќе добијат и менторска поддршка од страна на меѓународен експерт кој работи на бихејвиоралистички аспекти и предизвици.

Каков „поттик“ или „награда“ ќе можат да очекуваат петте општини со кои соработувате во рамките на проектот?

Унапредување на квалитетот на воздухот е најголема награда која ќе ја добијат граѓаните кои живеат во овие пет општини, бидејќи втората фаза од проектот Справување со загадувањето на воздухот има цел да ги поддржи локалните власти во петте општини во насока на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигање на јавната свест. Проектот ќе обрне посебно внимание на зајакнувањето на капацитетите на локалните власти за да се проценат можностите и пречките за позначајно учество на жените во спроведување акции за чист воздух, како и вклучување на родовата перспектива во предложените мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. 

Во периодот до 2026 предвидено е да се спроведат следните интервенции:
• Следење на квалитетот на воздухот во пет општини и моделирање на изворите на загадување на воздухот
• Градење на капацитети за управување со квалитетот на воздухот на локално ниво
• Спроведување приоритетни мерки од Плановите за квалитет на воздухот
• Јакнење на јавна свест и споделување знаења.

Следете ги вестите на платформата cistvozduh.mk и бидете „од прва рака“ информирани за сите наши напори за чист воздух.

 

*Проектот Справување со загадувањето на воздухот го спроведува канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП финансирана од Шведска, која го вклучува и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.

 

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат