Според Светската метеролошка организација, КОВИД -19 не го забави немилосрдниот напредок на климатските промени и загадувањето, како што се надеваа научниците. Тие сметаа дека поради карантинот и економското забавување, процентот на загадување ќе се намали. Но, емисиите на јаглерод диоксид брзо се обновуваат и не се ни блиску до намалување на истите. Концентрациите на гасови како CO2, CH4, NO2 во атмосферата продолжуваат на рекордно ниво, со што планетата е подложена на опасно глобално затоплување, се вели во новиот извештај на „Обединети во науката”.
Зголемувањето на глобалните температури ги поттикнува катастрофалните екстремни временски услови низ целиот свет и тоа има негативни влијанија врз економијата и општествата. Милијарди работни часови се изгубени само поради топлина. Просечната глобална температура во последните пет години е меѓу највисоките досега. Дури и со покрената акција за забавување на емисиите на стакленички гасови, нивото на морињата ќе продолжи да расте и ќе им се заканува на ниските острови и крајбрежните популации низ целиот свет, се вели во извештајот.
„Сѐ уште сме значително далеку од исполнување на целите на Парискиот договор. Оваа година емисиите на фосилни горива се враќаат, концентрацијата на CO2, CH4, NO2 гасовите продолжува да расте и тешките временски настани влијаеја врз здравјето, животите и егзистенцијата на секој континент. Доколку нема итни, брзи и големи намалувања на емисиите на стакленичките гасови, ограничувањето на затоплувањето на 1,5 ° C над прединдустриската ера, ќе биде невозможно, со катастрофални последици за луѓето и планетата од која зависиме“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Во текот на пандемијата дојдовме до заклучок дека мора да се изградиме подобро општество и да го ставиме на поодржлив пат за да ги избегнеме најлошите влијанија на климатските промени врз општеството и економиите. Овој извештај покажува дека досега во 2021 година не одиме во вистинската насока“, рече генералниот секретар на СМО, проф. Петери Талас.
Според Националната океанска и атмосферска администрација можеме да направиме неколку работи за да помогнеме во забавувањето на климатските промени.
- Можеме да се префрлиме на обновливи извори на енергија (како што се сончева енергија и енергија од ветер) за да ги напојуваме нашите домови и згради.
- Можеме да возиме електрични возила наместо оние што согоруваат фосилни горива; или можеме да користиме јавен превоз наместо да возиме сопствени автомобили.
- Можеме да заштедиме енергија со подобра изолација на нашите домови и згради и со замена на старите апарати со енергетски ефикасни модели.
- Можеме да ги избалансираме годишните емисии на јаглерод диоксид со инвестирање во комерцијални услуги кои одземаат еднаква количина на јаглерод од атмосферата, како што се садење дрвја или техники за фаќање и складирање на јаглерод.
- Можеме да поддржиме повеќе локални бизниси кои користат и промовираат одржливи, климатски паметни практики, како оние наведени погоре.
- Можеме да размислиме за поставување на горна граница за количината на јаглерод диоксид што ќе си дозволиме да ја испуштаме во атмосферата во одредена временска рамка.