Како фирмите во Куманово да станат дел од зелената транзиција?
јуни 30, 2024

ИноМлади е невладина организација основана пред 3 години, која се посветува на иновативни начини за зачувување на природата и борба против загадувањето. Организацијата се гордее со својот динамичен тим од четворица млади ентузијасти и двајца сениор консултанти. Со својата страст и посветеност, организацијата развива и спроведува проекти кои имаат за цел да ја подигнат свеста за еколошките прашања и да понудат практични решенија за подобрување на животната средина. Фокус на организацијата се младите луѓе и иновациите на идните генерации.

Интервју со Мила Арсовска – менаџер

Многу градови во државата се борат за „престижната“ награда НАЈЗАГАДЕН ГРАД. Како е рангирано Куманово на таа листа?

Куманово како главен индустриски и комерцијален центар во државата, игра клучна улога во регионалната економија со своите разновидни бизниси во производство, услужни дејности, трговија и земјоделство. Сето ова си носи последици, па како најголем индустриски град, Куманово се соочува со значителен проблем со квалитетот на воздухот. Куманово е една од општините со најголемо загадување на воздухот, а тоа го забележуваат и граѓаните. Истражување спроведено од страна на УНДП укажува на три главни причинители на загадувањето кои се идентификувани од страна на граѓаните, а тоа се: палењето отпад и дивите депонии (најголем причинител), индустријата и транспортот.

Ниското ниво на свест, знаење и недостаток на одржливи и еколошки практики кај граѓаните и кај сопствениците на малите и средни претпријатија во Куманово придонесуваат до таквиот резултат, загаден воздух со низок квалитет.

Во текот на целата година, а особено во зимскиот период, кумановци дишат загаден воздух и избегнуваат прошетки и престој надвор и бараат бегство надвор од градот.

Каде ја гледате најголемата можност за да се „поправи“ ситуацијата?

Како еден од најголемите индустриски центри, претпријатијата и индустриите во Куманово се важен фактор кој треба да се таргетира во борбата против загадувањето на воздухот. За жал, голем број на мали и средни претпријатија во Куманово сè уште се потпираат на традиционални практики и однесувања кои се штетни за квалитетот на воздухот, како што е прекумерна потрошувачка на енергија, генерирање на огромни количини отпад, загревање на простор со користење на традиционални начини кои го загадуваат воздухот.

Претпријатијата, како големи капацитети, со усвојување на еколошки и ефикасни решенија, значително можат да придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот. Реновирање на работниот простор и зградите со цел добивање енергетски ефикасни градби, интегрирање на обновливи извори на енергија, примена на ефикасни производствени процеси и машини, адаптирање кон одржливи и еколошки практики претставуваат огромен потенцијал за позитивна промена кој би резултирал со почист воздух во Куманово.

Многу ретки се случаите кога претпријатијата се таргет, во однос на пошироката јавност. Преку претпријатијата не само што се влијае директно на нивното работење и влијание, се влијае и врз сопствениците, останатите вработени и останатите граѓани во нивното дејствување.

Преку обуките за зелена транзиција на мали и средни претпријатија, истите ќе се запознаат со поимот и процесот на зелена транзиција, начините како да се постигне и да се адаптираат зелени практики и технологии. Исто така, преку работилниците за начини на финансирање на зелена транзиција на претпријатија и индивидуалните менторски процеси кои следуваат на секое заинтересирано претпријатие, тие и самиот град се чекор поблиску до чист воздух. Нашиот посебен фокус се претпријатија раководени од жени, затоа што тие главно се заобиколени во анализи и/или имаат ограничен пристап до информации за зелена транзиција.

Кажете нешто повеќе околу резултатите од вашите активности во рамките на проектот.

Како дел од проектот, ја направивме првата анализа за зелена транзиција на претпријатијата во Куманово. Резултатите од нашата Aнализа за практики за одржливост, однесување, потрошувачка на енергија, транспорт, храна, вода, управување со отпад и нивоа на загадување меѓу малите и средните претпријатија во Куманово ќе бидат објавени во текот на следните месеци.

Развиена е и специјализирана програма за зелена транзиција на мали и средни претпријатија од страна на експерти кои имаат реализирано многубројни зелени транзиции. Информациите, знаењето, искуството, успешните проекти, како и можните предизвици, беа пренесени на нашите мали и средни претпријатија на две обуки преку интерактивни презентации и дискусии преку веќе реализирани домашни експертки.

Темите на работилниците беа: зелена транзиција, енергетска ефикасност, справување со загадување на воздух, начини за намалување на CO2 емисии и управување со отпад. По двете работилници за зелена транзиција на претпријатија, следуваа и две обуки за финансирање на зелени проекти. Претпријатијата беа запознаени со начините со кои тие можат да ги финансираат своите зелени проекти и транзиција, пристап до национални и интернационални финансиски средства, субвенции и грантови. Особено ни е драго за покажаниот интерес од страна на претпријатијата во Куманово и големата посетеност и интерактивност на работилниците. Посебно сакам да напоменам дека од особена важност е тоа што голем дел од бизнис-сопствениците беа жени, мотивирани индивидуи за позитивна промена и влијание во општеството.

Во моментов, во тек се индивидуалните менторски сесии помеѓу претпријатијата и ангажираните експерти кои им помагаат на претпријатијата во изготвување на бизнис-плановите и акциските планови за зелените проекти кои тие сакаат да ги аплицираат и спроведат. Секоја сесија е прилагодена според потребите на претпријатието и од областа на дејствување. Очекуваме најмалку 20 изготвени проекти кои треба да се реализираат.

Кои се следните активности кои ги планирате и очекуваните резултати?

До крај на летото очекуваме изготвени планови за зелена транзиција на малите и средни претпријатија и почеток на реализација на истите. Веќе имаме постигнато промена во размислувањето, погледот и дејствувањето на претприемачите и самите претпријатија. Зелени практики и однесувања стануваат дел од нивното секојдневие. Во тек е и медиумска кампања за подигање на свеста кај бизнисите и граѓаните за значењето на чистиот воздух и справување со загадување на истиот. Во септември е планиран и настан на кој ќе бидат претставени постигнатите резултати пред јавноста и со кој сакаме да допреме до сите граѓани, па и пошироко.

Проектот „Зелена транзиција на мали и средни претпријатија во Куманово“* има огромен потенцијал и сам по себе е уникатен и има можност да биде реплициран и во други области и градови. Со реализација и следење на овој проект, може колективно да се дејствува во справувањето со загадување на воздухот во сите градови.

 

*Иницијативата „Зелена транзиција на мали и средни претпријатија во Куманово“ ја спроведува НВО Иновации и млади – ИноМлади од Куманово во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансиран од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат