Палењето стрништа предизвикува сериозно аерозагадување
октомври 2, 2024

Македонија, летово што изминува „чадеше“ со месеци. Повеќето од пожарите беа предизвикани од човечки фактор, односно од земјоделци што палеа стрништа и пасишта за да го расчистат имотот. Исклучок не беше ниту североисточниот регион.

Палењето стрништа и пасишта може да биде обид за убиство! Ова, во екот на сезоната на пожари, го нагласи првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Токму во периодот на многубројните пожари во јули и во август, тој секојдневно апелираше до сите граѓани, а посебно до сточарите и до земјоделците да не ги палат стрништата и пасиштата кога има високи температури.

– Можат да предизвикаат пожар, кој, покрај голема материјална штета, голема еколошка штета, може да загрози и човечки животи – вели Ангелов.

Освен материјалната штета, пожарите донесоа и аерозагадување. Изгореа имот и шуми, но и самата атмосфера доби мирис на чад и честички штетни по човековото здравје.

Заедно со стрништата гори и потребната маса за подобрување на квалитетот на почвата

Иако забраната за палење стрништа за земјоделците и сточарите е изрична, оваа пракса и натаму е присутна.

– Пожарите на стрништата и нивното влијание на амбиенталниот воздух е анализирано и во минатото и спаѓа во инцидентно загадување и, пред сѐ, ризик за здравјето на луѓето и животинскиот свет. Она што е посебно загрижувачки е што, покрај биомасата, неретко се горат и други отпадоци од земјоделското производство и материјали што се употребуваат при земјоделските процеси. Тука спаѓаат пластични фолии, најлони, употребени ПВЦ црева за наводнување, кои при фазата на согорување испуштаат исклучиво отровни соединенија. Вклучително и амбалажите за пестициди и други отпадни материјали, алармира Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“.

Професорот од Земјоделскиот факултет, Дане Бошев потврдува дека, освен во Кочанско на оризовите полиња, забележливо е палење на стрништата од пченица и јачмен и во североисточниот дел од државава.

– Палењето на стрништата, во принцип, е негативна пракса. Доколку правилно се менаџира користењето на површините (плодоред, добра земјоделска пракса), нема потреба од палење, вели професорот Бошев, алудирајќи дека земјоделците често вршат палење со цел поплодна почва.

– Воздухот е презагаден додека се пожарите. Не знам колку пати ја надминува границата, но има енормно загадување на воздухот. Советуваме и постојано ги едуцираме земјоделците дека нема потреба да ја палат сламата. Со палењето на стрништата се пали и потребната маса за подобрување на квалитетот на почвата, се палат и фауната, црвите и микроорганизмите што се неопходни за разлагање на почвата, вели Џабир Рамадани, искусен агроном од кумановската единица на Агенцијата за развој и поттикнување на земјоделството.

„Земјоделците како пиромани“

Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, во летниот период, речиси секојдневно известува за пожари на стрништа. Над две третини од пожарите во Куманово во минатата година биле на стрништа и на сува трева.

– Речиси и да нема ден да не интервенираме на пожари на стрништа, на сува трева и не постои село каде што не сме гаснеле пожар летово. Постојано сме на терен, исцрпени да ги ставиме под контрола пожарите за да не се прошират кон куќи или шума, вели командирот на Противпожарната единица-Куманово, Дејан Илиевски, кој додава дека е неподносливо кога се гаснат.

                                                   Пожар на стрниште во околината на Куманово, автор Александра Максимовска

– Воздухот и онака е топол, надвор, покрај пожарите, може да е над 45 Целзиусови степени, чувствуваме дека очите нè печат, не се дише, додава тој.

Лани во Куманово и околината имало 411 интервенции на земјоделска површина од вкупно 649. Годинава до јуни имало 95.

Слична е ситуацијата и во Крива Паланка.

– Според статистичките податоци на ТППЕ Крива Паланка, најмногу пожари се случуваат во февруари, март и во април, кога се чистат површините за паша или, пак, обработливите површини што се подготвуваат за земјоделски посеви. Над 80 проценти од тие пожари се од крајно невнимание и многу бргу поминуваат во неконтролирано горење. Исто така, и кон крајот на септември и октомври има палења стрништа, во кои предизвикувач е човекот, вели командирот Иле Коцевски.

Ништо поразлично не е ниту во руралната Општина Старо Нагоричане, мала општина по број на жители, но распространета на огромна површина.

– Пожарите почнуваат во летото. Кога гаснеме, воздухот е екстремно загаден, очите нѐ печат. Не помага ниту водата, која дополнително ги надразнува очите, воопшто не можеш да трепкаш. Кога дишеме постои како некоја горчлива грутка во грлото, ни предизвикува подолготрајно кашлање. Првите ден-два има блага, тапа болка во градите или ако земеш воздух подлабоко уште повеќе здоболува, објаснува командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Штетните честички се пренесуваат на стотици километри

Според доктор Александар Веселинов, во близина на ваквиот тип пожари, од чадот постојат ризици по здравјето на луѓето и потенцијални долгорочни штетни ефекти врз квалитетот на животот.

– Секако дека е ризично, земајќи го предвид статистичкиот податок што се пласира во јавноста дека 5 проценти од територијата на Македонија е опожарена и дека претежно има изгорено висококвалитетна шума и ниска вегетација, а, за жал, меѓу другото, добивме и прекумерна емисија на честички прашина или ПМ честички, вели Веселинов.

Тој додава дека токму тие мали вдишливи честички може да се едни од најштетните загадувачки супстанции на воздухот, посебно оние добропознати на јавноста ПM10, кои имаат дијаметар помал од 10 микрометри и имаат способност длабоко да продрат во респираторниот систем на луѓето.

– Во урбаните средини во нашата држава, претежно во зимскиот период, ПM10честиците ги надминуваат граничните вредности за заштита на човечкото здравје. Овие зголемени концентрации се како резултат на греењето на домаќинствата, индустриските процеси, согорувањето на отпадите во дивите депонии и дворови, но и шумските пожари, токму тие емитирани честички од пожарите, со помош на хоризонтални воздушни струења може да се пренесат на стотици километри од изворите на емисија, објаснува доктор Веселинов и додава дека при вдишување на јаглеродниот моноксид може да настапи труење, бидејќи има 250 пати поголем афинитет да се врзе за хемоглобинот од кислородот и се создава карбоксихемоглобин.

Врзувањето на хемоглобинот со јаглеродниот моноксид и неговата концентрација во крвта е во директна и непосредна корелација со тежината на клиничката слика.

                                                        Чадење по пожар во Кумановско, автор Христина Стојановска

Нема сериозни санкции, контролите се малку

Полицијата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но и локалните самоуправи, секоја година, во пресрет на пролетта и летото, потсетуваат на ригорозните санкции за палењето оган на отворено.

Во Член 61 став 1 од Законот за земјоделско земјиште е предвидено глоба за малите, средните и големите трговски друштва, во висина од 150 до 300, односно 250 до 500 евра во денарска противвредност, доколку палат оган спротивно на членот, кој гласи „Корисниците на земјоделското земјиште се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари согласно прописите за заштита од пожари. Се забранува палење оган во посевите, во стрништата и во нивна близина“.

Глоби се предвидени и за физичките лица, но тие се движат од 50 до 100 евра.

Во текот на годинава, од страна на државните инспектори за земјоделство при Државниот инспекторат за земјоделство, извршени се вкупно 30 контроли, а изготвени се 20 записници за извршен инспекциски надзор, во кој не се констатирани неправилности, односно при вршењето на инспекцискиот надзор, не е забележано палење стрништа.

Минатата година, инспекторите на терен извршиле 115 контроли, а парично е казнето едно физичко лице.

Најмногу контроли, инспекторатот извршил во 2022 година, кога биле изречени 29 казни за плаќање.

Има ли решение?

Во Куманово има неколку мерни станици, но тоа не е случај со помалите околни места. Факт е дека нема прецизно мерење на квалитетот на воздухот по пожарите на земјоделскиот отпад.

                                                 Пожар во близина на земјоделски посеви, Кумановско, ТППЕ Старо Нагоричане

Според Ристовски од ФЛОРОЗОН, проблемот со мониторингот на квалитетот на воздух е што за негова целосна следливост потребна е широка мрежа на мониторинг станици што ќе го мерат квалитетот на воздухот во континуитет на сите географски подрачја на Македонија.

– Тоа треба да биде проследено и со соодветна законска рамка и планирање, и да влезе во генералниот план за заштита на животната средина. Дополнително треба да се работи на едукација на земјоделците за негативните последици од согорувањето на отпадните материјали од земјоделското производство, но, исто така, да се зајакне и инспекцискиот надзор во оваа сфера. Еден од главните предлози е воведување интегрирано управување со отпад од земјоделски производи и на тој начин да се намалат предизвиците од загадувањето на трите медиуми на животната средина, појаснува тој за можните решенија на овој проблем.

– Доколку не бидат преземени соодветни мерки за заштита на шумите, превенирање на нивно опожарување, законско регулирање на нивото на загадување на амбиенталниот воздух при индустриските процеси и емисијата на штетни честички од автомобилите, ќе бидеме сведоци на сѐ почести хронични респираторни заболувања во иднина и влошување на општата здравствена состојба на луѓето, предупредува доктор Веселинов.

Очигледно, потребно е поместување на законските рамки во однос на овој проблем, односно со поголема доза на сериозност да се пристапи кон навидум безопасното палење земјоделски отпад. Истовремено, сѐ додека ова е пракса во селата од североистокот, потребна е поголема ажурност на инспекторите на терен, нешто на што постојано алудираат од невладиниот сектор.

Во едно се согласни сите – најкоректно е што поскоро да се воведе и целосно да се реализира управување со отпад од земјоделски производи затоа што тоа ќе значи инвестиција во човековото здравје со добра земјоделска пракса и чист развој!

Автори на текстот: Александра Максимовска и Христина Стојановска

Автори на фотографии: Александра Максимовска и Христина Стојановска;  ТППЕ Старо Нагоричане

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот

 

Преземено од ЗНМ оригиналниот текст може да се најде на следниот линк.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат