Нова опрема на Штипскиот универзитет за попрецизно дефинирање на отпечатоците на поедините извори на загадување на воздухот
април 16, 2021

АМБИКОН

Во рамки на проектот ‚‚Справување со загадувањето на воздухот во Скопје‘‘, лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип работи на студија за дефинирање на учеството на поедини извори на загадувањето на воздухот во урбаната зона на градот Скопје. 

Софистицирана лабораториска опрема, која прецизно ги анализира и утврдува поединечните извори на загадување во воздухот беше промовирана на Штипскиот универзитет, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“. Проектот е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА) и спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Град Скопје. За овој проект Шведска ќе потроши 2,3 милиони евра.

Се работи за нов флуоросцентен рентген, спектрофотометар, кој се користи за хемиска анализа на елементите во аеросолите од воздухот. Со опремата со голема прецизност се добиваат резултати каква е содржината на аеросолите, со оглед на тоа дека секој извор на загадување има свој различен хемиски отпечаток. На тој начин, со лабораториските анализи ќе може да се открие учеството на поединечните извори во вкупното загадување во Скопје. Ќе бидат анализирани примероци воздух од неколку локации: Лисиче, Карпош, Волково, Хром и Гази Баба.

АМБИКОН

– Загадувањето на воздухот е голем штетник на здравјето на луѓето. Околу 19 градови во Западен Балкан имаат повисок процент на загадување од поставените стандарди на Европската Унија. За Шведска е важно да ви помогне во овој проблем. Ги следиме напорите што ги прави вашата земја и ја поддржуваме за поглавјето за животна средина 27, кое е обемно и скапо за имплементирање, изјави амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон по посетата на лабораторијата на УГД Штип.

Таа нагласи дека одговорноста за загадувањето е заедничка – важно е сите граѓани да бидат одговорни, да се грижат за отпадоците, пластиката, а децата да се едуцираат со цел да се подигне јавната свест, а во овие активности да се вклучат и научните установи и граѓанските организации со нивната експертиза.

 

АМБИКОН

Ректорот на Штипскиот универзитет Блажо Боев изјави дека е почестен што овој проект дониран од Шведска и спроведуван од УНДП и е доверен на нивната установа која е опремена со модерна технологија.

– Штипскиот универзитет е најпрогресивната научна установа во земјава што може да се занимава со прашања од оваа проблематика, рече ректорот на УГД. 

 

Прочитајте повеќе на следниот линк.

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат