Доаѓа летниот период. Во овој дел од годината Македонија, а и регионот често се случува да биде зафатен од големи пожари. Пожарите на отворено играат огромна улога во уништувањето на животната средина и загадувањето на воздухот. Научници од целиот свет го анализираат воздухот во средина на пожари и доаѓаат до фрапантни заклучоци.
Секоја година, илјадници пожари ги зафаќаат шумите, пасиштата па дури и урбаните средини низ Европа. Во 2018 година, повеќе од 204.861 хектари земјиште изгореле во Европа и другите земји околу Медитеранот, додека претходната година шумските пожари уништија над 1,2 милиони хектари. Пожарите на Арктикот во јуни минтата година поставија нов рекорд во емисиите на јаглерод во 18 години следење.
При ваквите пожари на дрвјата, тревата и шумите се испуштаат огромни количества на чад и загадувачи во воздухот. Со големи пожари, чадот може да се издигне многу километри во стратосферата и да се прошири низ цели региони, предизвикувајќи загадување на воздухот во области далеку од местото каде што всушност биле пламените јазици.
„Во источниот Медитеран добиваме чад што дува од шумските пожари во Русија и кога тоа ќе се случи има само маглив воздух насекаде“, вели професорот Атанасиос Ненес, атмосферски хемичар во Институтот за хемиски инженерски науки во Патра, Грција.
Анализа на Универзитет Гоце Делчев: Греењето на огревно дрво се уште број еден загадувач
„Може да биде доста драматично. Тие влијаат на квалитетот на воздухот во цели региони или цели контитенти“.
Проф. Ненес е главен истражувач на проектот PyroTRACH, кој се обидува да открие како емисиите од шумски пожари – заедно со други видови на согорување на биомаса, како што се пожарите од домашно дрво – ја менуваат атмосферата и како тие влијаат на здравјето на луѓето.
На глобално ниво, чадот од шумските пожари се проценува дека предизвикува над 339.000 предвремени смртни случаи годишно – многу повеќе од луѓето кои директно се настрадани од огнот.
Како пожарите влијаат на човековото здравје?
Прецизни ефекти од дишењето на воздух во зона каде има пожар се уште не се целосно јасни. проф. Ненес и неговиот тим ќе ги вклучат своите резултати во друг проект наречен РЕМЕДИА. Овој проект анализира како загадувањето на воздухот влијае на белите дробови, а воедно и како животната средина која е погодена од овие пожари влијае врз целокупното човеково здравје.
Се смета дека реактивните соединенија од чадот од шумските пожари имаат голем број краткорочни и долгорочни здравствени ефекти.
„Тие можат да ги направат луѓето посклони кон инфекции, може да доведат до потешкотии со дишењето и да ги зголемат шансите за срцев удар“, рече проф. Ненес.
„Во исто време, честичките од чадот содржат и канцерогени – полиароматични јаглеводороди – кои исто така оксидираат и стануваат поканцерогени, зголемувајќи го ризикот од рак“.
Смртните случаи од загаден воздух се зголемија за 66% во последните 20 години
Штетните честички од пожарите патуваат низ цели континенти
Овие резултати се особено загрижувачки ако се има предвид дека чадот од големите шумски пожари патува низ цели континенти, па дури и океани. Од ова може да се извлече заклучок дека честите пожари во Грција, Бугарија или Албанија има големи шанси да имаат влијание на здравјето на граѓаните во Македонија.
На пример, чадот од шумските пожари во Алберта, Канада, беше следен како се шири по источниот брег на САД, преку Атлантикот и во Европа во 2019 година. Слично на тоа, чадот од неодамнешните разорни пожари во Австралија ја зафати Јужна Америка и загадувањето од Шумските пожари во Сибир се проширија во западна Канада и САД.
„Чадот и штетните честички од шумските пожари може да циркулира низ светот“, рече д-р Мајк Фланиган, директор на Канадското партнерство за наука за пожари во дивината на Универзитетот во Алберта.
„Честичките од интензивен оган можат да се инјектираат во горниот дел од атмосферата каде што силните ветрови – типично западни ветрови – можат брзо да го пренесат низ целиот свет.
Ова значи дека големите шумски пожари можат да имаат драматично влијание врз квалитетот на воздухот и видливоста во градовите иако тие градови и тие држави директно не се погодени од пожар. Овој чад и честички потоа може да го влоши урбаното загадување на воздухот, зголемувајќи го ризикот од здравствени проблеми и смрт на оние што живеат таму.