Животната средина, повеќе зеленило и чистиот воздух се меѓу приоритетите за граѓаните
јули 31, 2023

Форумот за граѓански дијалог, кој го сочинуваат здруженија на граѓани детектираa неколку клучни приоритети за граѓаните во неколку општини низ државата. Граѓаните на Штип, на пример, детектирале дека приоритети се водоводната мрежа, но и проблемите со хигиената, животната средина, чистиот воздух преку изградба на паркови, како и регулирање на сообраќајот со изградба на катни гаражи или паркинг места. Овие приоритети, кои граѓаните ги издвоиле во анкетите, зборуваат за тоа дека во полето на нивни приоритети сепак се наоѓа животната средина и чистиот воздух. 

Инаку Форумот за граѓански дијалог кој го сочинуваат НВО Инфоцентар, МКЦ – Битола, Мултикултура, Гласен Текстилец, ЦЗО Струга, ГИЖ Свети Николе, Спектар, ЦРМ и Идеа Плус, реализираше серија консултативни сесии и анкети за клучните приоритети на граѓаните во Битола, Штип, Тетово, Струга, Центар, Крива Паланка, Свети Николе, Демир Хисар и Крушево. Форумите се реализираа во изминатата 2022 година, а граѓаните детектираа проблеми кои треба да се најдат во програмите на општините во 2023 година. 

Во разговорите граѓаните побарале и изградба на пречистителна станица, паркови, детски игралишта, подобра услуга од општината и формирање на локални економско социјални совети, се вели во анализата.

Како приоритет, а и евидентен проблем на граѓаните е паркинг просторот. Зголемувањето на бројот на возила предизвикува освен проблеми во сообраќајот и во паркирањето, и во загрозување на животната средина и чистиот воздух. Граѓаните ова го детектирале како проблем, а конкретно од Општина Штип тврдат дека веќе работат решавање на овој проблем.

Локалните приоритети кои се произлезени од форумот за граѓански дијалог се приоритети и на Општина Штип и на дел од нив веќе активно се работи за да се реализираат. Секојдневно се работи на решавање на проблемот со старата водоводна мрежа, подобрување на хигиената и општинските услуги. Што се однесува за обезбедување на паркинг простор, економскиот оператор кои е избран интензивно работи на изработка на техничка документација на неколку локации во Општината да се постават монтажни паркинзи со што ќе се обезбедат повеќе паркинг места, велат од Општина Штип.

Граѓаните ги мачат многу проблеми на локално ниво и затоа детектираа бројни приоритети за 2023 година и тоа, во речиси сите области – животна средина, инфраструктура, урбанизам, општински услуги и др.

Оваа иницијатива детектирала и проблеми на граѓаните во Битола, Тетово, Струга, Центар, Крива Паланка, Св. Николе, Демир Хисар и Крушево.

Речиси во сите општини се провлекува приортеитот на подобра хигиена и повеќе паркови. Интересно е што во некои општини, како во Крива Паланка на пример, граѓаните побарале и рециклирање и селекција на отпадот кој се генерира во градот.

Граѓаните на Свети Николе, побарале повеќе и подобри паркови површини и зелени места за рекреација.

„Зелени проблеми“ има во многу општини, но не и во сите кои биле предмет на оваа иницијатива.

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат