Аерозагадувањњето и термоцентралите на јаглен – до 2023 ограничување, потоа затворање!
јуни 24, 2022

Во последните три години новите стандарди за аерозагадување требаше да донесат намалување на штетните емисии од термоелектричните централи на јаглен низ Западен Балкан. Но, оваа година емисиите од сулфур диоксид од централите на јаглен низ регионот сѐ уште флагрантно ги прекршуваат овие законски граници. Во 2020та беше очекувано намалување на емисиите поради намалување на економската активност како последица на пандемијата од Ковид-19. Но, тоа не беше случајот. Емисиите на капацитетите вклучени во Националните планови за намалување на емисиите (НПНЕ)  на Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија се зголемија, наместо да се намалат.

Во 2018 и 2019 година централите на јаглен кои беа вклучени во НПНЕ емитуваа шест пати повеќе сулфур диоксид (SO2) од дозволеното, но во 2020 година емитуваа 6,4 пати повеќе. Централите емитуваа дури 1,6 пати повеќе прашина од дозволеното во сите три години од 2018 до 2020 година и вкупните емисии дури и малку се зголемија.

Дополнително во 2020 година вкупните емисии на SO2 од централите на јаглен во Западен Балкан беа 2,5 пати поголеми од оние од сите централи на јаглен во ЕУ. Само емисиите на азотни оксиди (NOX) сѐ уште беа под збирот на плафоните на земјите за 2020 година – 0,9 пати повеќе од дозволеното. Сепак, Босна и Херцеговина и Косово ги надминаа своите национални плафони и регионално емисиите на азотни оксиди малку се зголемија.

Границите за загадување со NOX продолжуваат да се намалуваат на годишно ниво, па се очекува во наредните години прекршувањата на границите да се зголемуваат, освен ако не се преземат брзи мерки. Згора на тоа, здравственото моделирање покажува дека од 2018 до 2020та година имало скоро 19.000 смртни случаи како последица на вкупните емисии од електраните на јаглен во Западен Балкан. Од нив, повеќе од 50 проценти (10.800) биле во земјите на Европската унија, скоро 30 проценти (6.500) во земјите од Западен Балкан, а останатите во земјите што се подалеку. Вкупните емисии на централите на јаглен резултираа со трошоци помеѓу 25,3 и 51,8 милијарди евра. Вкупниот број на смртни случаи од 2018 до 2020 година предизвикани само од надминување на плафоните на НПНЕ од централи на јаглен во Западен Балкан беше скоро 12.000 (11.660). Повеќе од половина од тие се случиле во земјите од ЕУ со 7.000 смртни случаи на жители од ЕУ, 3.700 жители на Западен Балкан и 960 во други подалечни региони.

Генерално, се проценува дека во 2020 година се направени здравствени трошоци помеѓу 6,0 и 12,1 милијарди евра како последица само на надминување на плафоните од централите на јаглен во Западен Балкан. Близу три четвртини од овие трошоци (73%) се однесуваат на луѓе и земји во ЕУ (4,4 до 8,9 милијарди евра), 21% (1,3 до 2,6 милијарди евра) на земјите од Западен Балкан и преостанатите 6% на останатите земји (0,3 до 0,7 милијарди евра). Поради пробивањето на плафоните на НПНЕ во 2018 и 2019 година, во март 2021 година Секретаријатот на енергетската заедница отвори постапки за решавање на спорови против Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија.

Потребата на владите и претпријатијата да го намалат загадувањето сега е поголема од било кога. Поради ненавременото постапување, мерките сега мора да бидат подрастични. Здравјето на луѓето не може да чека со години додека не се затворат централите или додека не се постави опрема за контрола на загадувањето. Централите кои работат под режимот на изземање треба да ги ограничат работните часови на 20.000 во периодот помеѓу 2018 и крајот на 2023 година, а потоа треба да се затворат.  Но, владите и претпријатијата треба да размислат за затворање на централите кои се дел од НПНЕ порано од планираното и во меѓувреме да ги намалат нивните работни часови, посебно оние централи кои се постари и оние за кои се потребни големи инвестиции за да станат усогласени со Директивата.

За да се минимизира потребата за продолжување со работа на централите на јаглен, треба значително да се зголемат инвестициите во соларни панели, ветерници и да се намалат загубите во мрежата, а исто така и треба да се зголеми употребата на ефикасни топлински пумпи во домаќинствата како замена за греалки на електрична енергија. Развојот на Националните планови за енергија и клима дава можност да се зголемат амбициите на ова поле, да се дефинираат датумите за престанување на користењето на фосилни горива и да се ажурираат тековните нереални национални планови.  Енергетската заедница треба да има посилни алатки за спроведување на законодавството според Спогодбата, во корист на здравјето на луѓето и животната средина.

Европската комисија треба да го зајакне механизмот за решавање на спорови за да вклучи убедливи казни за надминување на граници и да го вклучи увозот на електрична енергија во претстојниот механизам за гранично јаглеродно прилагодување (CBAM). Што е можно поскоро треба да се воведат механизми за одредување на цени за јаглерод диоксид (CO2) во земјите од Енергетската заедница, како би се изедначил пазарот за електрична енергија во Европа.

За да се обезбеди што е можно побрза транзиција од јаглен, ЕУ и другите интернационални инвеститори треба да им помогнат на државите во заштедата на електрична енергија и во одржливи форми на обновлива енергија. Меѓутоа, со цел да се осигура принципот на „загадувачот плаќа“, јавните средства повеќе не смеат да се користат за инвестиции во контрола на загадувањето во централи на јаглен или за било какви други инвестиции во фосилни горива. Сите инвестиции мора да се на сопствен трошок на операторите.

 

Целиот извештај прочитајте го на https://www.complyorclose.org/wp-content/uploads/2021/09/Mk-%D0%A3%D0%A1%D0%9E%D0%93%D0%9B%D0%90%D0%A1%D0%98-%D0%98%D0%9B%D0%98-%D0%97%D0%90%D0%A2%D0%92%D0%9E%D0%A0%D0%98-web-1-1.pdf  

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат