Здравата и чиста животна средина е еден од фундаменталните услови за квалитетен живот на сите граѓани. Квалитетниот живот многу придонесува за правилен раст и развој на индивидуата, но говори и за вредностите што ги негува општеството како целина. Чистиот воздух е една од главните компоненти што кај нас во последните децении бележи високи вредности. Загадувањето на воздухот во земјава претставува континуиран и голем проблем кој што секоја година се интензивира се повеќе и во прекумерни размери, а својот најголем подем го има во текот на зимските месеци. Аерозагадувањето е најголемиот причинител на предвремена смртност и на зголемениот број на заболувања кај луѓето.
Целта на ова истражување е да направи анализа на три однапред таргетирани нивоа, односно целни групи, кои ќе бидат корисници, но и фактори во понатамошното делување на проектот Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во земјава. Прва целна група во првото истражување се трговците што продаваат уреди за греење, анкетирани на ниво на цела територија на државата. Како втора целна група ги имаме граѓаните на Лисиче, територија која што е обележана како пилот зона на проектот. На крај, третата целна група се граѓанските организации во земјава коишто делуваат во доменот на аерозагадувањето на национално ниво.
Агенција Рејтинг за потребите на секое од овие три истражувања го следеше пристапот: креирање на примерок, креирање на прашалник, известување за преземени активности, анализа на податоци и пишување на извештај.
Истражувањето за трговците е исто така квантитативно, а се спроведе со примарен метод лице в лице на репрезентативен примерок од 100 испитаници – претставници на фирмите. За квантитативните истражувања, беа креирани примероци во согласност со подготвената методологија што се користеше за собирање, анализа и презентирање на наодите и соодветниот план за управување со квалитетот на податоците.
За спроведување на анкетата, во соработка со УНДП и со ангажирани експерти во оваа област, беше изготвен прашалник кој ги опфати следниве теми:
1. Карактеристики на фирмата
2. Техничко значење за уредите за греење што се нудат на пазарот
3. Навики на потрошувачи – перцепција на трговци
4. Ставови на трговците во врска со можните решенија со цел да се зголеми нивото на набавка на енергетски ефикасни уреди за греење
5. Проценка на свесноста за изворите и ефектите на загадување на воздухот
За целите на ова квантитативно истражување беше изготвен стратификуван случаен примерок.
Истражувањето се спроведуваше од 12 до 22 ноември, 2020 година, а просечно времетраење на интервјуто е 20 минути.
Вториот дел од прашалникот беше креиран со цел да ја истражи перцепцијата на трговците во однос на навиките на потрошувачите. Преку овој дел всушност, односно преку искуството и ставовите на трговците од нивната продажба на уреди за греење, ќе се дознае кои се главните мотиви поради кои граѓаните купуваат вакви производи. Понатаму, истражувањето ќе покаже според кои приоритети потрошувачите ги бираат овие уреди, за кои уреди постои најголема побарувачка во моментот и дали има промена во навиките за купување денес споредбено со период пред две години. На крај, овој дел од истражувањето треба да открие дали и на кој начин трговците влијаат кон потрошувачите при одлуките за избор на уред за греење.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека мнозинството од трговците пробуваат да влијаат кон купувачите за да тие изберат енергетско ефикасни уреди за греење (62%), додека 36% од нив не го прават тоа.
Ставови на трговците во врска со можните решенија со цел да се зголеми нивото на набавка на енергетско ефикасни уреди за греење
Од трговците кои на претходното прашање одговориле дека има зголемена побарувачка (инвертер клими – 44%, печки на пелети – 31% и топлотни пуми – 9%) на енергетско ефикасните уреди за греење (85%), најголем дел од нив (20%) сметаат дека тоа примарно се должи на ниската потрошувачка на енергија на уредите, што повлекува намалување на трошоците за граѓаните, додека пак 17% од трговците причината за зголемената побарувачка ја гледаат во исплатливоста на инвестицијата и брзиот период на поврат на вложените средства во истите. Лесниот начин на ракување и одржување на уредите се исто така важна причина поради која е зголемена побарувачката. Интересен е податокот дека 9% од испитаните трговци сметаат дека зголемената побарувачка се должи на зголемената свест кај граѓаните за енергетски ефикасни уреди, а 6% се изјасниле дека граѓаните стануваат свесни дека треба да се заштити животната средина. Само 2% од трговците сметаат дека зголемената побарувачка на енергетско ефикасните уреди за греење се должи на субвенциите кои ги нуди државата за оваа цел.
Споредено со пред две години, трговците забележале зголемување на побарувачката на уреди за греење, особено на инвертер клими и на печки на пелети. Зголемената побарувачка на овие уреди за греење се должи првенствено на енергетската ефикасност на истите и можноста да се заштедат пари. Субвенциите иако се предложени како модел преку кој што државата би можела најмногу да ја поттикне побарувачката на енергетско ефикасни уреди за греење, сепак перцепцијата на трговците е дека тие не се факторот кој што влијае за зголемување на побарувачката на овие уреди. Ова би можело да се должи на различни фактори, меѓу кои би можеле да потпаднат: нискиот или недоволниот износ на субвенциите, строги или високи критериуми за апликација/избор, како и начинот на доделувањето на субвенциите воопшто.
Проценка за свесноста за изворите и ефектите на загадувањето на воздухот
Основната појдовна точка на аерозагадувањето е да се открие и свесноста за изворот на загадување. Затоа последниот дел од истражувањето за трговците е наменет за проценка на свесноста за изворите и ефектите на загадувањето на воздухот. Овие резултати се појдовна основа при анализирање на следните прашања поврзани со изворите и ефектите од загадувањето на воздухот во земјава.