Младите имаат идеи, креативност и желба да придонесат за подобра животна средина. Но, за една идеја да прерасне во вистинско решение, понекогаш е потребно некој да ја слушне, препознае и поддржи. Во ова интервју им даваме простор на група средношколци да ја претстават својата идеја, да го споделат искуството од нејзиното развивање и да ни откријат како ја замислуваат нејзината иднина.
За почеток, да ве запознаеме! Кои сте вие, од кое училиште доаѓате и што ве обедини како тим?
Ние сме млади активисти од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип. Oбединети сме од желбата да направиме позитивни промени во нашата заедница и пошироко. Мотивирани сме од потребата да создадеме поодговорна и поеколошки свесна средина за сите. Веруваме дека младите не се само иднината, туку и важен дел од сегашноста, способни да преземат иницијатива. Дури и најмалите промени можат да направат голема разлика, доколку ги започнеме заедно.

Секоја голема промена започнува со мала идеја. Која е вашата идеја, како се роди и што ве инспирираше да ја развиете?
Нашата идеја започна кога го препознавме проблемот со прекумерната употреба на пластичните ќеси и нивното долготрајно загадување на животната средина. Загрижени за последиците што ги оставаат зад себе и за иднината на природата, решивме да понудиме поинакво решение. Така се роди BioVa – тим од млади иноватори посветени на развој на биоразградлива пластика. Нашиот материјал го изработуваме од природни состојки, како желатин, глицерин и овошје, со цел да создадеме одржлива алтернатива на конвенционалната пластика. Тој е наменет целосно да се разградува, без ослободување штетни материи во природата. Преку BioVa сакаме да придонесеме кон намалување на пластичниот отпад и да покажеме дека грижата за животната средина може да започне со една едноставна, но значајна идеја.
Што ја прави вашата идеја посебна и зошто верувате дека може да придонесе за подобра и почиста животна средина?
Нашата идеја е посебна затоа што создаваме биопластика од желатин, глицерин и лушпи од овошје, наместо од нафтени деривати. Со замена на пластичните ќеси во локалните продавници и пазари, отпадот од овошје добива нова вредност, а ќесата се разградува наместо да остане со векови во природата. Секоја замена е видлива промена во сопствената заедница и во секојдневната навика на луѓето.

Од идеја до реализација патот не е секогаш едноставен До каде стигнавте со развојот на вашиот проект и со какви предизвици се соочивте?
Досега успеавме да го развиеме првичниот состав на нашата биопластика и да создадеме прототипи на производот. Најголем предизвик беше пронаоѓањето на вистинскиот сооднос на состојките, со цел да добиеме материјал со соодветна цврстина, еластичност и издржливост, а притоа целосно биоразградлив. Патот бараше многу експериментирање, трпение и посветеност, но секој неуспешен обид беше нова лекција. Она што нè движи напред е вербата во нашата идеја и желбата BioVa да прерасне од младински проект во вистинско решение за почиста животна средина.
Кога би имале можност да ја претворите вашата идеја во реалност, како би изгледал нејзиниот прв чекор во практиката?
За да ја претвориме BioVa од идеја во вистински бизнис, најпрвин ни е потребна поддршка во изработка на конкретен бизнис-план. Треба да истражиме каков е интересот на пазарот, кои би биле нашите потенцијални купувачи, колку би чинело производството и како би го пласирале производот. Би ни помогнале менторство од искусни претприемачи, поврзување со потенцијални инвеститори и информации за можностите за почетно финансирање. Сметаме дека првиот чекор е да добиеме можност да ја претставиме BioVa пред луѓе кои можат да ни помогнат да ја развиеме идејата во одржлив бизнис.

Што ви е најпотребно во моментов за да продолжите да ја развивате идејата и кој би можел да ви помогне на тој пат?
Во моментов, најмногу ни е потребна поддршка за да можеме да го прошириме проектот и да го подигнеме на едно повисоко ниво. Досега успеавме да развиеме прототип и да ја претставиме нашата идеја, но сакаме да направиме следен чекор и да работиме на нејзино понатамошно усовршување и реализација. За тоа ни е потребен партнер кој ќе верува во нашата идеја и ќе ни помогне, не само финансиски, туку и преку обезбедување материјали, опрема, стручни совети и можности за соработка. Сметаме дека компании, организации, институции кои поддржуваат млади иноватори и еколошки иницијативи би можеле многу да ни помогнат на овој пат. Исто така би ни значела поддршка во промовирањето на BioVa, за нашата идеја да допре до поголем број луѓе и да добие поголема видливост. Веруваме дека со вистински партнери и поддршка би можеле да направиме многу повеќе од еден успешен прототип и да создадеме производ што би имал реална примена и позитивно влијание врз животната средина.
Ако можете да испратите една порака до вашите врсници, но и до сите што веруваат во младите иноватори, што би им порачале?
Нашата порака до младите, но и до сите што веруваат во нив, е да не се плашат да размислуваат поинаку, да создаваат и да ги претвораат своите идеи во реалност. Проектот BioVa ни покажа дека младите не се само иднината, туку и сегашноста која може да донесе вистински промени. Преку иновации, знаење и заедничка работа можеме да придонесеме за почиста и поздрава животна средина. Затоа, верувајте во своите идеи, поддржувајте ги младите иноватори и давајте им простор да покажат дека и една мала идеја може да направи голема разлика.
