АМБИКОН: После пожарите потребни се анализи на почвата и на водата
октомври 8, 2025

Пожарите кои изминатиот период избија на неколку локации низ државата предизвикаа загриженост околу квалитетот на воздухот во урбаните средини. Особено внимание предизвика пожарот во Трубарево. Главно, мерењата за квалитетот ги прави лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оттаму информира дека мерењата спроведени во периодот од 14 до 18 септември, на растојание од 50 и 150 метри од местото на пожарот, покажуваат дека загадувањето е во рамки на вообичаените вредности за урбана средина. Мерењата на АМБИКОН покажаа вообичаени вредности затоа што мерењата се извршени кога пожарот не беше активен, потенцираат од лабораторијата.

Сегашната позиција на експертите е дека мерења на воздухот повеќе не се неопходни, она што е значајно во оваа фаза е да се утврди загаденоста на почвата и на водата во тој регион.
Според ректорот на УГД, Дејан Мираковски, не се забележани невообичаено високи концентрации на металите како никел, кадмиум и олово. Тој, сепак, потенцира дека петдневно мерење не е доволно за целосна проценка и препорача мониторингот да продолжи, особено при процесот на чистење на изгорениот отпад. Дополнителни анализи на почвата и на водите, според него, ќе бидат клучни за да се утврди вистинската зона на контаминација.

Воздухот треба да се мониторира во случај ако се преземаат активности за санација на објектот. Во таков случај треба да се вратат мерки за строг мониторинг, вели Мираковски.
Во меѓувреме, Министерството за животна средина објави свои резултати кои укажуваат надминување на дозволените концентрации во моментите на најгуст чад. Во саботата вечерта, во примероците биле измерени 12 пати повисоки концентрации на кадмиум од дозволеното, зголемени нивоа на арсен и олово, како и двојно повисока количина на ПМ10 честички. Овие податоци предизвикаа дополнителна загриженост, бидејќи чадот од пожарот бил носен кон Скопје, каде што прекри дел од градот. Важно е да се напомене дека овие мерења на воздухот се за време на пожарот или непосредно по неговото гаснење. 

Обвинителството отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“. Под истрага се најде фирмата „Ф групација“. Судот му одреди 30-дневен притвор на Дамевски, додека останатите осомничени добија куќен притвор. Јавноста сега очекува продолжен мониторинг и целосни анализи на земјата и водите во Трубарево за да се утврди вистинското влијание од еколошката катастрофа и да се обезбеди заштита на здравјето на граѓаните.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат