Уште пет града дознаа што им го загадува воздухот – што ќе преземат градоначалниците
ноември 18, 2024

По цела година земање мостри и мерења, сега се знае што го загадува воздухот во Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Струга. И тоа за секој месец посебно.

Има разлики од општина до општина кој е најголемиот загадувач, што значи и дека локалните власти ќе треба да преземат различни мерки ако сакаат да го подобрат квалитетот на воздухот.

На настан во скопски хотел, владини претставници и странски делегации беа првите што ги слушнаа резултатите од едногодишното домашно истражување за загадувањето на воздухот во пет поголеми градови во земјава – Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Струга.

                                               (прв одлево) Изет Меџити, министер за животна средина и (втора одлево) Сања Божиновска, министерка за енергетика

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да се залага за спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот и ќе соработува со сите релевантни фактори за да ја постигнеме нашата заедничка цел за подобар квалитет на воздухот и здрава животна средина за идните генерации“, вели вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити.

Не е првпат министер да ги кажува овие зборови. Ниту, пак, оценката дека на земјава не ѝ оди лесно во оваа борба.

Аерозагадувањето е значаен предизвик во оваа земја што има влијание врз многу граѓани кои живеат во областите со слаб квалитет на воздухот“, кажа постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.

Но, од оваа зима, освен за Скопје, се знае кои се изворите на загадувањето на воздухот и во петте споменати града. Тоа е една шанса повеќе за централните и локалните власти конечно да мрднат од „мртва точка“.

Како се мери – што го загадува воздухот

На влезот на Штип кога се доаѓа од Скопје, од десна страна, во објект затскриен од високата вегетација, се наоѓа научно-истражувачкиот центар „Амбикон“. Работи во склоп на Универзитетот „Гоце Делчев“. Во лабораториите сместени на горниот кат, тим од професори и лаборанти, секој ден во изминатава година, испитувале и мереле примероци добиени од филтри поставени во пет општини во земјава – Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Струга.

                       Бобан Самарџиски, лаборант, „Амбикон“ при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Процесот низ кој поминува испитувањето на еден филтер е деликатен и долг. Но, дава прецизни резултати за факторите на загадување, односно што точно дишат граѓаните кои живеат или се движат во близина на филтрите.

Значи, целиот процес започнува од тука. Сите филтри кои започнуваме да ги кондиционираме најпрвин се ставаат во оваа комора и во неа се чуваат на контролирани услови – температура и влажност“, кажа Бобан Самарџиски, лаборант, „Амбикон“ при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Секоја од микрочестичките наталожени на филтрите мора да помине низ рацете на лаборантите. Некои дури и неколкупати, сè додека не се добијат целосно точни мерења.

Филтерот се става на вагата и откако ќе се стабилизира, ја запишуваме вредноста, а потоа филтерот го враќаме во комората за чување повторно. По 24 часа истиот тој филтер го мериме повторно и по сета таа процедура добиваме информација за концентрација на прашина изразена во микрограми на метар кубен“, вели Самарџиски.

                            Дел од лабораторијата на „Амбикон“

По завршувањето со финалните мерења со кои се добиваат првичните информации, следува процес на внесување на искористените филтри во машина која со помош на рендген-зраци дава појасна слика за тоа какви метали има во филтрите кои биле поставени во градските средини, но и во колкави количини се изразени.

Целата оваа метода е недеструктивна, што значи дека филтерот штом еднаш биде анализиран, не се нарушува и може да се користи во понатамошна анализа. Со помош на овој инструмент детектираме елементи од натриум до ураниум“, вели лаборантката Ана Михаиловска, „Амбикон“ при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

                                      Ана Михаиловска, лаборантка, „Амбикон“ при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Греење, сообраќај, палење огнови, каменоломи…

Просторот е релативно мал, но опремата која вработените во „Амбикон“ ја имаат на располагање е релативно нова и софистицирана. Со таква опрема, тие се модерна лабораторија која има капацитет да прави комплексни истражувања. Тимот предводен од професорот Дејан Мираковски, го открил следното:

Во Струмица, најголемо е загадувањето во зимските месеци и тоа во најголем дел поради согорување на биомаса, односно греењето на домаќинствата со печки на дрва, пелети и други растителни производи. Втор голем извор на загадување е сообраќајот, кој е нешто поголем во потоплите месеци. Во зимските месеци, значително загадува и горењето огнови на отворено.

Во Струга, пак, број еден загадувач е сообраќајот, особено во лето – кога е врв на туристичка сезоната. Втор извор на загадувањето е горењето нафта и мазут, пред се на пролет, а дури на трето место е загревањето на домаќинствата.

Во Куманово, пак, на годишно ниво најмногу загадување на воздухот доаѓа од греењето на домаќинствата со биомаса, и покрај тоа што е карактеристично само за зимските месеци. Потоа следи сообраќајот, кој е поизразен загадувач во летните месеци.

                                                   Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип

Ние печките на дрва ги стартуваме рано наутро. Потоа, луѓето се на работа. И потоа, кога се враќаат дома, повторно се зголемува интензитетот на користење на овие уреди со што и емисиите имаат карактеристични два врва. Во раните утрински часови од 6 до 8 и потоа вечер од 18 часот до 2 ноќта, кога почнува да се намалува концентрацијата“, вели професорот Мираковски.

Наодите не се ексклузивни само за Македонија. Така било и во западноевропските и други светски метрополи, кои го поминале овој процес и го подобриле квалитетот на воздухот. Професорот Мираковски е оптимист дека и земјава може да го изоди тој пат, бидејќи загадениот воздух е виновник за предвремена смрт и развој на потешки заболувања кај населението.

Многу активности е потребно да се реализираат. Дел од нив се брзи и може да се реализираат веднаш. На пример, да се мијат улиците и да имаме повеќе вегетација на сувите површини. Да не дозволуваме да остануваат подложни на ерозија, тоа не е нешто што ни треба многу време. Замената на системите за греење веројатно бара повеќе средства, но денеска ќе имаме и ефикасни и економични системи. Не само што ќе ја заштитиме животната средина, ќе ја подобриме и економичноста и ефикасноста на тие системи за да имаат луѓето и економски бенефит освен поквалитетен воздух, иако и самото тоа е доволно“, изјави професорот Мираковски.

Кавадарци ќе гради обиколница

Посетивме две од вкупно петте општини кои добија алатка за подобрување на квалитетот на воздухот. Кавадарци се наоѓа во средишниот дел на Тиквешката котлина. Географската положба на градот го прави склон на високо загадување, бидејќи  ветерот не е честа појава.

Карактеристика на Кавадарци е и тоа што е индустриски град. Секојдневно градскиот бетон го „газат“ тешки товарни возила, често низ централното градско јадро.

Според истражувањето, греењето на домаќинствата е главен извор на загадување на воздухот во зимските месеци. Но, минералната прашина е доминантен извор преку целата година, а не заостанува и сообраќајот, особено во летните месеци.

Градоначалникот гледа дел од решението за подобар воздух во изградба на обиколница.

Тоа значи дека на дневна основа ние негде 700 тешки товарни камиони со над 40 тони товар кои создаваат прашина и загадување на воздухот од нивните согорувања на моторите, ќе бидат комплетно дислоцирани од градското подрачје и ќе ја имаат обиколницата за движење. Тој проект е со вредност од 10 милиони евра и беше прифатен со одлука на Влада“, кажа Јанчев.

                                                 Митко Јанчев, градоначалник на Општина Кавадарци

Обиколницата, очекува градоначалникот, ќе го намали загадувањето од сообраќајот. Но, за главниот проблем преку зимата, загадувањето од греењето на домаќинствата, вели дека единственото решение е гасификација – и за домаќинствата и за индустријата.

Од она што го имаме направено како истражување и анализа со повеќе од 9 илјади семејства – некаде 70 проценти се согласни со гасификацијата. Меѓутоа, интересен е податокот што луѓето моментално кои се загреваат на дрва, на пелети, нафта или електрична енергија, над 60 проценти во домаќинствата имаат инсталирано радијаторски систем. Тоа значи дека нема да ги изложиме луѓето на дополнителна инвестиција голема“, вели Јанчев.

Ќе се садат дрва низ Гостивар

Во друга котлина, Полошката, се наоѓа Гостивар. Тоа што има повеќе ветар од Кавадарци, сепак, не го прави отпорен на аерозагадувањето.

                                                                       Центарот на Гостивар

За општината е специфично што најголемото загадување доаѓа од минерална прашина, пред се поради големиот број каменоломи, а од неодамна и од активностите на „Бехтел и Енка“. Фактор е затоплувањето во зимските месеци и сообраќајот, но во помала мера.

                                                                 Камиони во близина на Гостивар

Прашина создава и започнувањето на работата на изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани, таму се создава доволно прашина и тие фото-приказните баш на тие места каде што се работи се гледа создавањето на прашината. Ние само што ги чувме резултатите, контактиравме и со каменоломите и Бехтел и Енка“, кажа Зуди Џелили, раководител на Секторот за животна средина во Општина Гостивар.

Изградбата на автопатот не е долгорочен извор на загадување, но другите, како греењето и сообраќајот, се. Затоа, Општината Гостивар направила фокус групи од граѓани на кои, за старт, им понудиле да изберат една од три опции.

„Од трите сет мерки, првата мерка беше проширување на зелени површини и пошумување на градот. Втората беше за енергетска ефикасност на градинките, основните и средни школи и третата сет мерка беше за опрема за чистење на улици, метларка. Одлучивме да го пошумиме градот и да ги прошириме зелените површини бидејќи на тој начин и прашината ќе се намали и ќе имаме повеќе сенка и повеќе чист воздух преку дрва и зелени површини“, вели Џелили.

Значи, во уште пет општини во земјава сега се знае од каде доаѓа загадувањето на воздухот. Јавно, познати се и заложбите и проектите на локалните власти за почиста животна средина.

Ништо не се прави преку ноќ, но сите би требало да почнат час поскоро да ги преточуваат идеите во реалност. И оваа и следната и зимите по нив, температурните инверзии ќе носат опасно висока концентрација на ПМ-честички и други загадувачи од кои не само што човек се разболува, туку и порано умира.

 

Преземено од 360степени оригиналниот текст може да се најде на следниот линк.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат