Главната цел на Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион беше да се добијат информации за изворите на загадување и уделот со кои тие придонесуваат кон нивоата на загадување на амбиенталниот воздух. Ова е суштинска алатка за креирање политики за квалитетот на воздухот коишто се експлицитно или имплицитно потребни за цели на спроведување на Директивите за квалитетот на воздухот.
Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион ја изработи лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, како дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје. Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).
Анализата официјално започна на почетокот на јануари 2021 година и ги вклучуваше следните активности:
- Избор на репрезентативни рецептори/локации за мониторинг станици,
- Земање примероци + хемиска спецификација,
- Подготовка на мултиваријантен модел на рецептори за сите рецептори.
Севкупно, за двете локации беа идентификувани 7 главни фактори кои имаат удел во масата на PM 2,5 суспендираните честички, односно: сообраќајот, индустријата, согорувањето на нафта и мазут, минерална прашина, горењето оган на отворено, согорувањето на биомаса и секундарните аеросоли.
Погледнете ја снимката од презентацијата на резултатите или информирајте се подетално од Студијата за определување на уделот на различните извори на загадување во градското подрачје на Скопје