Потребен е сериозен пристап кон проблемот оти решенија има. Од вентилациски системи до прочистувачи на воздух; користење на различни обувки и облека за надвор и внатре и ред други мерки
Дојде студеното време, а по традиција со него и темата за загадениот воздух. Па, воопшто не беа изненадување неодамнешните медиумски наслови – дека воздухот не е лош само надвор, туку и во затворени простории.
Тоа го покажа истражувањето за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки во Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци, кое го направи Универзитетот „Гоце Делчев“, со поддршка од УНДП и Кралството Шведска.
Во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово веќе се подготвуваат да ги подобрат санитарните услови, како чекор кон намалување на загадувањето во објектот.
„Кај првачињата и второ одделение, според препораките, голем број на внесување на ПМ честичките во внатрешноста на училниците беа детектирани облеката и обувките што ги носат учениците. Останува како наша задолжителна работа да ги направиме просторните услови во ходниците на училиштето за да можат дечињата да ги остават своите јакни надвор, да не ги внесуваат внатре и обувките“,вели Јасминка Спасовска, директорка на ОУ „Браќа Миладиновци“ – О.Куманово.
Јасминка Спасовска, директорка на ОУ „Браќа Миладиновци“ – О.Куманово
Кумановското „Браќа Миладиновци“ е едно од пет основни училишта во пет различни општини, каде истражувачите го мереле квалитетот на воздухот во училниците. Со специјални апарти, воздухот бил следен цела година, по неколку параметри.
Речиси се било во рамки на дозволеното, освен повременото повисоко ниво на полен и постојаните недозволено високи концентрации на ПМ честичките.
Просечни вредности на ПМ честичките во училиштата
Просечната концентрација на овие ситни честички кои предизвикуваат болести и воспаленија на дишните патишта, во текот на една смена, во ОУ „Браќа Миладиновци“ изнесувала 82,7 микрограми/м3 во летниот период и 66,6 микгрограми/м3 во зимскиот период. Максимално прифатливата вредност, според Светската здравствена организација, изнесува 25 микрограми/м3, што значи дека основците во ова училиште дишат и до три пати позагаден воздух од дозволеното. Во ниту едно од останатите четири училишта не се дишел воздух со квалитет под границата препорачана од СЗО. Резултатот покажува и дека воздухот во училница бил загаден независно од годишното време, па дури и дека бил позагаден во топлите месеци.
За да се намалат овие бројки, ќе треба многу повеќе од мерките како носење различни обувки за внатре и за надвор од училиште.
„Самостојни системи за филтрирање на воздух немаме. Останува да побараме помош прво од локалната власт, локалната средина, а потоа и да аплицираме во институции, дали УНИЦЕФ, УНДП, МОН, каде што ќе побараме самостојни системи за филтрација на воздухот“, дополнува Спасовска.
А системите за филтрација се скапи. Од Општина Куманово велат дека не можат да си ги дозволат од блок-дотациите што им ги дава Министерството за образование. Не станува збор само за двата објекти во кои се вршени мерења, вели Александар Јовановиќ од секторот за образование, туку за вкупно 49.
Александар Јовановиќ, сектор образование во О.Куманово
„На територија на општина Куманово гравитираат 21 основно училиште на кое основач е Советот на О.Куманово и едно државно. За сите тие да бидат покриени треба огромни средства да бидат вложени за да се вградат прочистувачи на воздух или да се стават вентилатори. Тоа се огромни средства кои О.Куманово во овој момент ги нема“,вели Јовановиќ од секторот образование во О.Куманово.
Освен во пет училишта, цела година се следел квалитетот на воздухот и во пет градинки. Резулататите се речиси идентични, со тоа што во градинките е многу појасно како влијае активноста на децата.
Мерни вредности во репрезентативна градинка
Во градинките има ниско на ниво на ПМ честички до 6 часот и 15 минути. Во лето, тогаш се јавува првиот раст на вредностите, што кореспондира со доаѓањето на работа на дел од персоналот. Околку 7:15 се склучува вториот раст на концентрација на ПМ честички во летна сезона и првиот бран во зимска сезона, што кореспондира со доаѓањето на децата. Помеѓу 9:30 и 10:00 часот вредностите за лето и за зима се израмнуваат, на околу 100 микрограми на метар кубен ПМ честички, што е за четири пати над препораките на СЗО.
Нешто пониски концентрации се измерени во Гостивар, во градинката „Цветови“. Директорката Даниела Бошковска вели дека можат да се пофалат со солиден буџет од самофинансирање, кој им помага да спроведат повеќе мерки.
Даниела Бошковска, директорка на градинката „Цветови“ во О.Куманово
„Континуирано вложуваме во подобрување на условите, а едно од тие се прочистувачите на воздухот коишто генерално сукцесивно ги набавуваме во градинката. Во делот на хигиената е максимално запазена. Водиме сметка на средствата коишто се користат, начинот на проветрување на занималните, средствата и опремата коишто ги имаме внате во занималните.Освен прочистувачите кои можам да ги набавам, се трудиме да ги немаме тие тешки завеси, стари теписони, стари паркети…затоа што се релативно стари објекти коишто ги обновуваме постојано“,вели Бошковска.
Иако располагаат со осум прочистувачи на воздух, сепак резултатите се уште не се задоволителни. Затоа, вели Бошковска, потребно е локалните власти да помогнат за инсталирање вентилација. Но, дали е тоа можно?
Според раководителот на секторот за животна средина во Гостивар, Зуди Џелили, дали е потребна вентилација треба допрва да се види. Во моментов, напорите се за решавање на квалитетот на надворешниот воздух.
„Ќе настојуваме сите школи во иднина да ја тргнеме нафтата или мазутот коишто се уште во употреба. Меѓутоа сите административни објекти во О.Гостивар користат реагенс нафта за греење. Така да ние ќе се обидеме новите системи да ги имплементираме, односно инвертер системите кои се и почисти за животната средина и споредбите покажуваат дека не се поскапи од реагенсите кои се штетни по здравјето на луѓето“,потенцира Џелили.
Зуди Џелили, сектор животна средина во О.Куманово
Џелили тврди дека седумте километри велосипедски патеки, пошумувањето на запуштени простори и засадувањето на сè повеќе дрва низ градот и во училиштата, се доказ дека општината работи на решенија.
„Животна средина пред 4-5 години во О.Гостивар имаше малку застој. Оттогаш до сега, трета општина сме која има таков сектор и сме презеле мерки и активности за да бидеме на потребното ниво. Од 2 милиони денари, сега имаме програма од 10 милиони денари“, дополнува тој.
За загадениот возух во училиштата и градинките се разговараше и во Скопје, кога беа презентирани резултатите. Таму можеше да се слушне дека Гостивар не е единствената општина која во моментов се обидува да направи нешто за амбиенталниот воздух, со надеж дека ќе се подобри и внатрешниот.
Советничката за животна средина од Куманово, Александра Георгиевска Протиќ, кажа дека тие вршат аеросолизација во градот, субвенционираат приклучок на гас за домаќинствата, а функционитра и бесплатен јавен превоз.
Александра Георгиевска Протиќ, советничка за животна средина во О.Куманово
„Општина Куманово влезе во овој проект бидејќи за прв пат добивме шанса како општина да дојдеме до научни сознанија кои ќе бидат понатаму основа за да излеземе пред донаторската заедница и етапно да го решаваме овој горлив проблем. Се надевам дека ќе бидат преземени мерки и стратегии на централно ниво за да се реши коренот на овој проблем“,појаснува Протиќ.
На презентацијата на резултатите, лидерот на истражувањето, професорот Дејан Мираковски, рече дека е убеден оти ако сериозно се пристапи кон проблемот, решенија има.
Тоа се: инсталација на вентилациски системи или прочистувачи на воздух; користење на различни обувки па и облека надвор и внатре, за да не се внесува прашина; исфрлање на класичните табли со креда и редовно чистење и мокро пребришување.
Дејан Мираковски, ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
„И се на се јас сум сигурен дека со примена на овие мерки, во комбинација со редовна контрола, анализа на квалитетот на воздухот дека може да се постигне здрава и комфорна средина и со тоа да обезбедиме ефикасна и квалитетна реализација на образовниот процес во целина“,нагласува професорот.
Квалитетен воздух е од суштинско значење не само за здравјето, туку и за способноста за концентрирање и учење, односно за нормална реализација на воспитно-образовниот процес.
Преземено од 360степени оригиналниот текст може да се најде на следниот линк