Нови автобуси во Струмица / Фото – Слободен печат / Методи Здравев
Електричната енергија ќе се обезбедува од фотоволтаични панели поставени на 5.000 квадратни метри.
Од 11 септември по улиците на Струмица, но и до околните села, за првпат ќе сообраќаат автобуси на градски превоз. Вчера градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов и директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Струмица транспорт“ Драги Поп-Стојанов свечено ги презедоа клучевите на автобусите од добавувачот „Аутомакедонија“.
Костадинов истакна дека Струмица никогаш немала јавен превоз, а сега не само што го добива, туку сите автобуси се електрични.
– Ќе бидеме единствен град на Балконот што има целосно електрифициран градски превоз. Нашата општина немаше јавен превоз. Воведувањето јавен превоз во општина Струмица со овие електрични автобуси носи огромни еколошки и финансиски придобивки. Во ова време на скапотија, не може да го занемариме значењето што го има градскиот превоз и затоа ова е многу важна работа за Струмичани. Втора значајна работа е енормното загадување во Струмица. Ова е револуционерен и радикален чекор, да имаме целосно електрифициран градски превоз. Ова е и во согласност со Европскиот зелен договор и час поскоро ќе дојде времето кога емисијата на загадување од градскиот превоз ќе треба да се сведе на нула – рече Костадинов.
Тој објасни дека според направената студија за градски превоз во Струмица, потребни се 12, а сега се набавени 10 автобуси.
– Три автобуси ќе сообраќаат низ Струмица и граѓаните ќе имаат редовен сообраќај на 10 минути. Другите автобуси ќе го поврзуваат градот со сите села, освен некои подалечни планински – објасни Костадинов.
Тој рече дека картата во еден правец ќе биде 30 денари, но и дека ќе има месечни билети, како и бесплатни денови за пензионери. Во првиот месец, од 11 септември, кога ќе биде тест-период за самите автобуси, превозот ќе биде бесплатен.
Директорот на ЈСП „Струмица транспорт“ објасни дека целиот проект ќе биде и самостојно енергетски одржлив.
– Понатаму, енергијата сами ќе ја обезбедуваме. На површина од 5.000 квадратни метри ќе се постават сончеви колектори. Од нив, покрај електрична енергија за полнење на возилата, ќе добиваме и електрична енергија за топлење и ладење на претпријатието што ќе управува со автобусите – објаснува Поп-Стојанов.
Студијата и за фотоволтаичната енергија веќе е направена, а проектот ќе се турка со јавно-приватно партнерство.
Набавната вредност на автобусите е безмалку 500.000 евра, со каматата за лизингот и со данокот на ДДВ достигнува 700.000 евра, но градоначалникот потсетува дека имаат право на поврат на ДДВ.
– Нема евтина трансформација. Целта ни е овие пари и да ги искористиме за превоз на ученици за основно и средно. Ние и досега за нив имавме превоз, но148 милиони денари годишно даваме на приватни компании. Сега тие пари ги пренасочуваме дел за лизинг и за плати, другиот дел пак го оставаме во Општина Струмица – рече градоначалникот.
Автобусите се од моделот „исузу новоцити волт“, а ќе сообраќаат на пет линии.