Резултати од истражувањето на лабораторијата АМБИКОН: Кавадарци се соочува со сериозни загадувања на воздухот
ноември 12, 2024

Во текот на изминатата година, градот Кавадарци се соочи со сериозно загадување на воздухот, кое достигна алармантни нивоа, особено за време на грејната сезона. Лабораторијата АМБИКОН, која функционира во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вршеше мерења и анализа на амбиенталниот воздух во периодот од март 2023 до април 2024 година, користејќи напредни техники и опрема. Анализите се направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица*.

Мерењата беа спроведени на државната мониторинг станица поставена на периферијата на Кавадарци, на раскрсница на два главни патишта со висок сообраќаен интензитет. Од оваа локација, во текот на едногодишниот период, беа земени повеќе од 190 примероци со користење на сертифицирани автоматски системи, обезбедувајќи точни и веродостојни податоци.

Резултати: Прекумерни концентрации на PM2.5 честички

Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички PM2.5 во Кавадарци изнесуваше 62,2 µg/m³, што претставува повеќе од 149 % надминување на дозволената гранична вредност. Највисоката измерена дневна концентрација достигна алармантни 154,8 µg/m³, додека најниската беше 14,7 µg/m³.

Особено загрижувачки е фактот што концентрациите на PM2.5 честички значително се зголемуваат во зимските месеци, со просек од 72 µg/m³, речиси тројно повисок од годишната гранична вредност. Во пролетните и летните месеци, иако има благ пад, просечната концентрација сепак изнесува високи 51,0 µg/m³, што повторно го надминува дозволеното ниво за 104 %.

Извори на загадување: Биомаса и сообраќај

Со помош на анализата на собраните податоци, идентификувани се шест главни извори на загадување во Кавадарци:

  1. Согорување на биомаса – главно поврзано со греење на домаќинствата, фурни и мали индустриски објекти.
  2. Оган на отворено и согорување на отпад – горење на стрништа и отпад, што значајно придонесува за загадувањето.
  3. Минерална прашина и прашина од градежништво – особено доминира во втората половина од годината поради изградбата на сообраќајницата во близина на мерната станица.
  4. Сообраќај – емисија од издувни гасови, абење на кочници и гуми, со значителен придонес во летниот период.
  5. Согорување на нафта и мазут – во јавни објекти и индустриски ложишта.
  6. Секундарни аеросоли – честички кои се формираат по хемиски реакции во атмосферата.

Во зимските месеци, согорувањето на биомаса е доминантен извор со просечен месечен придонес од 38 µg/m³, додека сообраќајот го достигнува својот пик во летните месеци со придонес од 27 µg/m³. Минералната прашина е исто така постојан извор на загадување, особено видлив во летните и есенските месеци.

Истражувањето на лабораторијата АМБИКОН укажува на сериозни проблеми со загадувањето на воздухот во Кавадарци, особено за време на зимските месеци. Прекумерната концентрација на PM2.5 честички е директно поврзана со согорувањето на биомаса и интензивниот сообраќај. Решавањето на овие проблеми бара итни мерки за намалување на емисиите од овие извори и заштита на здравјето на граѓаните.

Линк до информативен постер

*Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат