Куманово: Резултати од мерењето на загадувањето на воздухот – повеќе од 54 % надминување на граничните вредности
ноември 13, 2024

Истражувањето спроведено од лабораторијата АМБИКОН на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, покажува алармантни резултати за квалитетот на воздухот во Куманово. Според добиените податоци, просечната годишна концентрација на суспендирани честички (РМ 2.5) изнесува 38,5 µg/m3, што е повеќе од 54 % над дозволените граници. Овие честички се меѓу најопасните загадувачи, кои негативно влијаат на здравјето на граѓаните.

Истражувањата се едни од најобемните во државата и се направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица*.

Мерењата се извршени во урбаната зона на Куманово, на локација во близина на болницата и главната влезна рута во градот, со користење на сертифицирани автоматски системи. Примероците се земени во периодот од март 2023 до април 2024 година, при што се собрани повеќе од 190 валидни примероци. Анализите се извршени со најсовремени уреди за гравиметриска и хемиска анализа, како и спектрометри за одредување на елементарниот состав.

Загадување според годишните сезони

Резултатите покажуваат дека концентрацијата на суспендирани честички е највисока во зимските месеци, поради грејната сезона. Просечната вредност во овој период е 51,7 µg/m3, што е повеќе од 60 % над просекот во топлите месеци, кога концентрацијата се намалува на 26,7 µg/m3. Сепак, дури и во пролетните и летните месеци, просечната концентрација го надминува дозволениот максимум за околу 6 %.

Главни извори на загадување

Со помош на сложено моделирање, идентификувани се шест главни извори на загадување во Куманово. Најголемите придонесувачи се согорувањето на биомаса (31%), што е директно поврзано со греењето на домаќинствата, согорувањето на отпад и оган на отворено (11%) и сообраќајот (25%). Други значајни извори се согорувањето на мазут и нафта (17%) и минералната прашина (5%).

Во текот на зимските месеци, согорувањето на биомаса е доминантен извор на загадување, достигнувајќи до 37 µg/m3 месечно. Во летниот период, сообраќајот ја презема водечката улога како извор на загадување, додека согорувањето на отпад и огнот на отворено е забележливо во пролет и есен.

Овие резултати укажуваат на итна потреба од преземање мерки за намалување на загадувањето на воздухот во Куманово. Со оглед на тоа што согорувањето на биомаса и отпад се главни причини за епизоди на екстремно загадување, потребни се иницијативи за подобрување на енергетската ефикасност на домаќинствата, редуцирање на отпадот и ограничување на отворените пожари, со цел заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на животната средина.

Линк до информативен постер

*Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат