Во утринската програма „Македонија наутро“ гостинка беше Александра Димова Манчевска, проектна менаџерка во УНДП, која го водеше процесот на организација на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) од страна на УНДП. Таа сподели детали за предизвиците, успехот и значењето на овој глобален настан, кој се одржа во Скопје од 28 до 30 октомври 2025 година.
Настанот обедини над 700 учесници во живо и уште 300 онлајн од сите континенти, со 11 главни сесии и 38 тематски потсесии. Темите беа разновидни, но сите поврзани со енергетиката и одржливиот развој: финансирање на енергетската ефикасност, дигитализација, безбедност, отпорност на системи, родова еднаквост и младинско учество.
Клучен резултат од форумот е „Декларацијата од Скопје“, документ кој беше отворен за коментари од учесниците и финализиран како патоказ за конкретни мерки што владите треба да ги преземат.
Форумот, под мотото „Од цели кон акција: Да ја напоиме иднината со одржлива енергија“, не само што ја зацврсти позицијата на Македонија на глобалната енергетска мапа туку и постави нови организациски и програмски стандарди за идните форуми.
IFESD-14 го организираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во Северна Македонија и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).
Следниот IFESD форум ќе се одржи во Кина, со надеж дека ќе продолжи да ги надградува стандардите поставени во Скопје.

Погледнете го целото интервју тука.