Екологистите од Западен балкан побараа силна зелена агенда за регионот
јануари 27, 2022

Еколошките активисти од регионот на Западен Балкан по завршувањето на самитот за климатски промени во Глазгов одлучија да упатат порака до лидерите од регионот, со која предупредуваат на потребата од исполнување на ветувањата и исполнување на обврските за ублажување на климатската криза, со посветување на силна зелена агенда за Западен Балкан.

„По неколку недели преговори за КОП26, едно прашање постигна консензус – научните докази се јасни и светот треба да го ограничи порастот на глобалните температури на 1,5°C со цел да се забават климатските промени, првенствено со намалување на употреба на фосилни горива. Досега, регионалните напори беа слаби и заостануваат во секој поглед. Нашите земји не можат да си го дозволат ова одложување, бидејќи товарот ќе биде уште поголем по здравјето на  луѓето и ќе ги зголеми трошоците за последиците од деструктивните влијанија на климатските промени. Ковид-19 кризата или каква било внатрешна политичка ситуација не може да се користи како изговор за одложување на поставувањето реални цели и јасни акциски планови за постепено напуштање на јагленот во оваа деценија, притоа обезбедувајќи праведна транзиција. Ги повикуваме сите регионални влади да ги почитуваат своите политички ветувања, да покажат одговорност и вистинска посветеност како лидери на нивните поединечни нации и да го постават регионот на патот на зелената агенда за Западен Балкан“, пишува во пораката на екологистите на која се потпишани Centre for Environment, Босна и Херцеговина, Еко-свест, Македонија, Green Home and Eco-team, Црна Гора, RERI and BOŠ, Србија и CAN Европа.

Деструктивните ефекти на климатските промени и присуство на токсично загадување на воздухот, се почувствувани низ целиот регион, а луѓето ја сносат цената на неефективните и бавни владини активности. Пораката е јасна – сите влади мора да постават фиксни и амбициозни временски рамки за постепено укинување на употребата на јаглен. Силните национални политики со акциски планови, се столбот на обезбедувањето праведна енергетска транзиција, а истовремено спречувајќи ги климатските промени и нивните влијанија“, велат екологистите во соопштението до јавноста.

Повеќе од 40 земји ширум светот се обврзаа постепено да ја укинат употребата на јаглен како дел од клучните преговори за COP26. Од Западен Балкан, само Македонија е на оваа листа и покрај повеќекратните политички обврски преземени од сите регионални лидери за ограничување на емисиите. Она што е итно потребно е јасна политичка амбиција и акција за да се постигне долгорочната заложба за декарбонизација до 2050 година. Еколошките организации од целиот регион ги повикуваат сите земји да постават амбициозни цели за исфрлање на јагленот до 2030 година, што вклучува создавање храбри национални планови за енергија и клима како прашање на итност.

Reduce-Carbon-footprint

За земјите од Западен Балкан како земји во развој, постепеното исфрлање на јагленот во блиска иднина не може да биде поважно. Сепак, шест години по Парискиот договор, плановите за намалување на стакленички гасови (национални придонеси кон клима) се или слаби или сè уште се во фаза на изработка. Дополнително, процесот за усвојување на истите не е ниту инклузивен, ниту транспарентен, нема многу социјални и еколошки аспекти и го прави проблематично нивното идно спроведување.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат