Општина Гостивар ќе инвестира 20 милиони денари во проекти за справување со аерозагадувањето, а приоритетите за овие проекти ќе бидат избрани преку јавни форумски сесии. Според истражувањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, главните причини за загадувањето на воздухот во зимските месеци се согорувањето на дрва и други понеквалитетни горива, како и минералната прашина од каменоломите во околината на Гостивар. Овие податоци се резултат на едногодишни мерења и анализи направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“*, во кој Гостивар е еден од петте вклучени градови.
Професорот Дејан Мираковски, кој ги презентираше резултатите од истражувањето на првата форумска сесија, истакна дека иако Гостивар е еден од почистите градови, нивото на загаденост сепак ги надминува дозволените норми за 10-15%. „Главен извор на загадувањето во зимските месеци е согорувањето на биомаса и понеквалитетни горива, но Гостивар се издвојува по минералната прашина од каменоломите и градежните активности“, изјави Мираковски.
Форумската сесија вклучи претставници од невладините организации, бизнис секторот, јавните претпријатија и локалните институции. Главната цел на овие сесии е преку дијалог со граѓаните и стручната јавност да се изберат приоритетните проекти кои ќе се имплементираат следната година. Според Зуди Џелили, раководител на општинскиот Сектор за екологија, со гласање на втората форумска сесија ќе се изберат еден или два проекти кои ќе се реализираат во 2025 година. Финансирањето ќе биде поделено – 10 милиони денари ќе обезбеди УНДП, а исто толку ќе инвестира и општината.
В.Д. градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, посочи дека општината веќе презема мерки за справување со загадувањето преку годишната програма. „Имаме мрежа на мерни станици кои го следат квалитетот на воздухот на неколку критични локации, а во текот на годините субвенциониравме инвертери и велосипеди“, истакна Лимани. Тој додаде дека во рамките на Неделата на мобилност, општината организира Ден без автомобили за да ги мотивира граѓаните да користат велосипеди и да се движат пеш.
Препораките на експертите за намалување на аерозагадувањето вклучуваат подобро затоплување на домаќинствата, намалување на енергетската сиромаштија, забрана за палење на оган на отворено, почесто чистење на улиците и посилна контрола на индустриските капацитети. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансиран од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
*Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.