Во периодот од март 2023 до април 2024 година, тимот на лабораторијата АМБИКОН во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, спроведе серија мерења во Струмица, каде што беше избрана локацијата во кругот на болницата, блиску до државната мониторинг станица за воздух. Собрани беа повеќе од 190 валидни примероци, кои беа анализирани со современа опрема со цел да се утврдат масените концентрации и хемискиот состав на честичките. Мерењата се направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица*.
Резултати од анализата на суспендираните честички
Просечната годишна концентрација на суспендирани честички (РМ2.5) во Струмица изнесува 42,7 µg/m³, што е 70 % над годишната гранична вредност. Ова укажува на сериозно загадување на воздухот, особено во зимските месеци кога концентрациите на РМ2.5 значително се зголемуваат.
Во текот на грејната сезона, просечната концентрација достигнува до 62,7 µg/m³, што е двојно повеќе од дозволените граници, додека во пролетните и летните месеци таа изнесува 27,6 µg/m³, сè уште над дозволената вредност.
Извори на загадување
Преку моделите кои се развиваат врз основа на собраните податоци, идентификувани се шест главни извори на загадување на воздухот во Струмица:
- Согорување на биомаса – поврзано со греењето на домаќинствата, ресторани и мали индустриски објекти.
- Оган на отворено и согорување на отпад – вклучува горење на стрништа, отпад од депонии и градинарски отпад.
- Минерална прашина – резултат на градежни активности и ресуспензија на прашина од улиците.
- Сообраќај – емисии од издувни гасови, абење на кочници и гуми, особено од стари дизел мотори.
- Согорување на мазут и нафта – во ложишта на јавни и индустриски објекти.
- Секундарни аеросоли – формирани како резултат на хемиски реакции во атмосферата.
Во зимските месеци, согорувањето на биомаса е доминантен извор на загадување, со учество од 26 %, додека минералната прашина придонесува со 28 %. Сообраќајот и согорувањето на отпад, иако со помало учество, се значајни извори, особено во топлите месеци.
Влијанието на метеоролошките фактори
Анализата покажува дека високите концентрации на РМ2.5 во текот на зимата се поврзани со појавата на слаб ветер, што укажува на локално загадување, потекнувајќи од извори во непосредната околина. Овие извори се лоцирани во западниот дел на Струмица, селото Баница, северниот дел со селото Добрејци, источниот и јужниот дел со селото Градско Балдовци.
Резултатите од анализите во Струмица укажуваат на високо ниво на загадување на воздухот, особено во зимските месеци кога согорувањето на биомаса и отпад има најголем придонес. Овие податоци се критични за разбирање на причините за загадувањето и развој на стратегии за намалување на емисиите, што е клучно за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на жителите на Струмица.
Лабораторијата АМБИКОН, која функционира во рамките на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, е една од најопремените лаборатории за анализа на амбиентален воздух во регионот. Со долгогодишно искуство и акредитација според ISO 17025, АМБИКОН врши детални испитувања на квалитетот на воздухот и неговото загадување, вклучувајќи и анализи на концентрациите на суспендираните честички.
*Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.